Растот на платите ќе зависи од продуктивноста – власта откри дел од мерките за борба со инфлацијата. Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе ги казнува супермаркетите кои преку скриен маркетинг се обидуваат да ги изиграат законите…
Власта размислува, зголемувањето на платите да се врзе со растот на продуктивноста – премиерот Мицкоски откри дел од мерките за борбата со инфлацијата. Свесен е дека ќе бидат болни, и оти може да имаат и политичка цена. Сепак, се бара долгорочно и одржливо решение за справувањето со инфлацијата, која во последно време ја разгоруваат услугите, кои во некои сектори се поскапени и за 20 проценти.
„Резонирањето и размислувањето во иднина ќе биде во делот на зголемување на продуктивноста. Поврзување на продуктивноста со зголемување на личните доходи. Да, тоа може да има за нас и политички последици, ќе има и сигурно некои што ќе бидат незадоволни, но подобро еве да ги имаме тие политички последици сега отколку граѓаните на долг рок да чувствуваат ваков тип на би рекол, неконтролирана инфлација“, изјави премиерот Мицкоски.
Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе ги казнува супермаркетите кои преку скриен маркетинг се обидуваат да ги изиграат законите. Во организацијата на потрошувачи постојано пристигнуваат претставки со забелешки дека ист производ има различна цена на каса и на рафт, но и дека цените постојано бележат пораст.
„Она што е специфично, бидејќи би требало овој период овошјето и зеленчукот да бидат со поевтини цени, сепак граѓаните укажуваат дека овошјето и зеленчукот постојано има висока цена и дека многу од граѓаните некои од производите не можеа да ги купат, а камоли да прават зимници“, вели Татјана Тасевска – Организација на потрошувачи.
Потребна е постојана контрола на терен од Комисијата за заштита на конкуренцијата со што ќе се придонесе да нема зголемување на цените.
Сите се согласни дека мора да се подигне продуктивноста на трудот, а продуктивноста да се поврзува со личните доходи. Државниот завод за статистика измери дека во јули, годишната стапка на инфлација изнесува 4,8 проценти.