Почна владината мерка „Училишна кошница“ со која се намалуваат цените на училишниот прибор. Новите цени според одлуката на владата се пресметуваат така што на цените на производите кои што се опфатени со мерката, се враќаат на нивото од 01. Јуни 2025 година и на нив се врши намалување од 10 отсто во големопродажба и 15 отсто во малопродажба. Оваа мерка која ќе важи од денеска, 15 август, ќе трае еден месец и завршува на 15 септември. Според премиерот Христијан Мицкоски целта на мерката е заштита на стандардот на граѓаните кои имаат деца ученици.

„Пред почетокот на учебната година ограничување на маржите, а како репер да бидат цените од 1 јуни за училишен прибор, опрема и друг тип на помагала кои што им се потребни на учениците, но и да го олеснат, би рекол и поднослива да биде состојбата со семејниот буџет и тоа ние ќе го правиме. И го правиме.“, вели Мицкоски.

Според заменик министерот за економија Марјан Ристески, со оваа мерка ќе има сериозна заштеда во семејните буџети.

„Исто така, да напоменам дека со ова одлука очекуваме да има заштеда на животниот стандард по учениците на семејствоот од 850 до 2.000 денари, или од прилика, или онаму каде што има два ученици или повеќе, ќе има најмалку заштеда од 3.000 денари во текот на месец септември, односно еден од најтешките месеци, кога и семејстата во Македонија се подготвуваат за долгата зимска сезона, кога имаат трошоци за обезбедување на огрев, трошоци за зимница и така натака“, рече Ристески.

Инаку, колку се почитува мерката, не можевме да утврдиме бидејќи никој од контактираните продавачи не дозволи снимање во нивните продажни места. Можеби оваа забрана се должи на тоа што чекале до вчера Владата да им ги каже новите цени и да почнат со нивно менување, иако начинот како тие се утврдуваат се познати 10 – тина дена и се базираат на цените што ги имале токму продавачите на 1 јуни.