Целосно редизајниран и модернизиран ќе биде електронскиот систем за управување со документи еДМС, нaјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Системот, нагласи тој е клучен за дигиталната администрација и функционирањето на јавната управа, а според најавите од 1 октомври 2025 година, министерството целосно ќе ги исфрли хартиените документи од своето работење.
Досега системот бил користен само од 20 институции, а се покажал нестабилен, несоодветен и без соодветна техничка поддршка и сајбер безбедносни стандарди.
„Станува збор за прескап, но дисфункционален систем кој се користи во само 20 институции. Во последните две години немало техничка поддршка, одржување или развој. Не постоеле стандарди за сајбер безбедност и никој не се грижел за безбедноста на системот. Честите прекини и падови го правеле системот нестабилен. Тој се користел исклучиво како електронска писарница, без примена на архивирање или дигитална обработка на документи“, појасни Андоновски.
Одговорноста за системот ја презема министерството за дигитална трансформација, а една од мерките кои ги спровело е донесување нов закон за архивско работење по европски стандарди и спроведување тестови за безбедност.
Целта е до крајот на годината, еДМС да биде целосно функционален, безбеден и интегриран систем, со автоматизирана обработка на документи и можност за следење на предмети во реално време.
Планираме, рече Андоновски, и вклучување на нови институции, министерства, агенции и јавни претпријатија и дека во моментот има најави од пет нови.
Нагласи дека на граѓаните ќе им биде овозможено да го следат статусот на своите предмети во реално време и дека системот ќе обезбеди целосна електронска обработка, автоматизирано создавање решенија, известувања и сертификати со електронски потписи и печати.
За државата, ова ќе значи усогласување со стандардите на ЕУ и реформската агенда, која предвидува воведување единствен систем за управување со документи во сите државни институции до 2028 година, согласно законот за архивско работење.
Иако националниот портал за е-услуги нуди над 300 дигитални услуги, искуствата на граѓаните и натаму покажуваат дека патот до документите често вклучува многу чекање, двојни процедури и враќање на шалтерите. Проблем е и ниската дигитална писменост во администрацијата, но и на населението, покажуваат истражувањата на невладиниот сектор.