Цените на становите во Скопје непрестано растат. Иако веројатно спротивно на економската логика, каде понудата е поголема од побарувачката и каде цената за метар квадратен е несоодветна со куповната моќ на најголемиот дел од населението. Сепак, како што имаше една позната фраза во етерот „Скопје се гради“ и понатаму.
По малку подетално пребарување низ најпознатите веб-огласници за недвижнини во Македонија, како и некои поголеми Фејсбук групи, во огласите кои се објавени во последните неколку месеци, може лесно да се заклучи дека во Центар, Карпош 1,2 и 3, како и Аеродром во реонот околу Тобако 2, речиси и да не може да се најде стан каде цената на метар квадратен е под 2.000 евра.
Во претходно споменатите реони каде цената е над 2.000 евра, во зависност од локацијата, тип на станот, годината на изградба и некои други карактеристики, цените достигнуваат и до 2.800 евра. Секако постојат и огласувачи кои или се крајно нерационални или пак можеби се работи само за шегување, каде што бараната цена за метар квадратен оди и над 3.000 евра.
Но, прашањето кое многумина граѓани го поставуваат низ фејсбук коментарите под огласите е дали овие цени се „нормални“ за македонскиот стандард? Реално гледано, овие цени се високи дури и за граѓани кои за македонски услови „добро“ заработуваат. Во хипотетичко сценарио, каде млади сопружници кои двајцата заедно заработуваат 100.000 денари, што е солидна сума за македонски услови, кои притоа сакаат да купат трисобен стан во некои од овие делови на Скопје, прашање е колку „лесно“ би го поднеле овој трошок, во случај кога би требале да земат кредит.
Да речеме дека ќе земат станбен кредит за да купат помал трисобен стан од 65 метри квадратни по цена од 2.000 евра за метар квадратен, односно ќе купат стан за 130.000 евра. Да речеме дека за станот би дале околу 30% учество и би земале кредит од 90.000 евра со рок на отплата од 20 години. Во македонските банки, просекот на месечната рата во овие услови би изнесувал 450-510 евра во месеците со фиксна каматна стапка и 500-570 во месеците со променлива каматна стапка. Да речеме дека некој просек на месечна рата би бил 530 евра, односно 32.542 денари.
Ако ја земеме во предвид синдикалната минимална кошница за јуни месец 2025 година, која изнесува 64.698 денари, тогаш во случајов ќе им фалат уште 240 денари за да го поминат месецот. Ова само укажува дека овие локации стануваат се понедостапни и за оние со малку подлабок џеб. И во таков случај, дури и тие се приморани да бараат алтернативи.
Но кои се алтернативите, а сепак да не се биде многу одалечен од централното градско подрачје? Скопје Инфо во истражувањето низ најпознатите огласници за надвижнини и најпознатите Фејсбук групи за станови во Скопје, се обиде да провери каде се уште цените останале пристапни за македонски услови.
Најбарани локации кои се уште не надминале 2.000 евра, а се на одалеченост до 10 километри од центарот на градот се:
Кисела Вода каде цените за метар квадратен се движат меѓу 1.350 и 1.800 eвра во зависоност од населбата, годината на градба и состојбата на самиот стан. Во оваа општина, локации со најголема понуда се околината на Расадник каде цените се движат од 1.350 до 1.700 евра за м2, а нешто поскапо е кај Рампа и во околината на Економското училиште каде цените се движат од 1.500 до 1.850 евра за м2.
Аеродром веќе е општина каде што често може да се видат огласи за продажба на станови при што се бара над 2.000 евра за метар квадратен. Сепак, во зависност од населбите кои се малку поодалечени од центарот на градот, може да се најдат станови каде што цените се движат од 1.350 па се до 1.900 евра за м2. Така, во Лисиче цените се движат од 1.350 до 1.700 евра, во околината на ФОН Универзитетот од 1.400 до 1.700 евра, во околината на Американ Колеџ од 1.500 до 1.800 евра, Мичурин и Острово меѓу 1.600 и 1.900 евра за метар квадратен.
Во општина Ѓорче Петров цените исто така многу варираат. Во зависност од локацијата тие се движат од 1.150 евра па се до 1.700 евра. Во населба Хром цените се движат од 1.200 евра до 1.500 евра, во Влае цените се движат од 1.350 до 1.700 евра за метар квадратен. Во останатите делови од Ѓорче цените се движат од 1.150 до 1.600 евра.
Во Автокоманда цените се движат од 1.350 до 1.650 евра за метар квадратен.