Вештачката интелигенција го прави потешко наоѓањето на работа за работниците на почетни позиции во САД, во области како што се развој на софтвер и корисничка поддршка, според ново истражување.

Во студијата објавена неодамна, истражувачите од Универзитетот Стенфорд соопштија дека откриле дека во последните три години вработеноста кај лицата кои започнуваат во области кои се најизложени на вештачката интелигенција опаднала за 13 отсто. Во оваа категорија влегуваат позиции како што се сметководители, програмери и административни асистенти. Во истото време, велат тие, трендовите на вработеност останале исти или подобрени за поискусни работници во истите области, иако се забавиле за работниците на возраст од 22 до 25 години. Трендовите на вработеност исто така се подобриле кај позициите кои не се толку поврзани со технологија, како што се медицинските помошници.

Студијата, на која коавтор е економистот Ерик Бринјолфсон, а учествувале и истражувачи од Лабораторијата за дигитална економија при Стенфорд, е најнов во растечката серија извештаи кои се обидуваат да покажат како експлозивната популарност на вештачката интелигенција влијае на работната сила. Лансирањето на ЧетГПТ (ChatGPT), четботот на „Опен еј-ај“ (OpenAI) во ноември 2022 година, помогна да започне фасцинацијата и загриженоста поради генеративната вештачка интелигенција. Оттогаш, луѓето го користат четботот за сè, од кодирање до терапевтски сесии, а технолошките компании меѓу кои и „Опен еј-ај“ објавуваат сè помоќни модели.

Популарноста на технологијата предизвика дебата за тоа како — и дали — брзото усвојување на вештачката интелигенција ќе го наруши вработувањето. Во студијата, истражувачите од Стенфорд посочуваат дека утврдиле дека намалувањето на вработеноста е најчесто за работни места каде што технологијата најверојатно ќе ја автоматизира човечката работа, наместо да им помага на луѓето во нивните обврски.

За да ја спроведат студијата, чии резултати не се рецензирани, истражувачите рекле дека ги разгледувале податоците од обработувачот на плати АДП (Automatic Data Processing Inc.), кои вклучуваат месечни извештаи за плати за милиони луѓе во десетици илјади компании.