Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ) објави дека во мај 73,3 проценти од работниците земале плата под просечната, а само 26,7 проценти над просечната плата.

Велат дека загрижува фактот што 169.082 работници, односно 1/3 или 33,1 проценти од работниците примаат плата под 30.000 денари или под 500 евра.

Со одбивањето да се зголеми минималната плата, од страна на Владата, газдите и Парламентот се прави директна штета на 169.082 работници и нивните семејства кои ниту со две плати не можат да си дозволат ниту да ги обезбедат најосновните услови за живот за своите семејства согласно вредноста на Синдикалната минимална кошница што е загрижувачки. Во Македонија оние кои живеат добро со примања над просечната плата (функционерите, политичарите, газдите и експертите) се против зголемување на минималната плата, односно малцинството владее со мнозинството, велат од ССМ.

ССМ бара зголемување на минималната плата на 500 евра и зголемување на сите останати плати за 6.000 денари поради порастот на трошоците на живот.