Американскиот претседател тврди дека Њу Делхи индиректно ја помага војната против Украина. За Кина нема такви мерки

Доналд Трамп воведе царини од 50 отсто за поголемиот дел од американскиот увоз од Индија, остварувајќи ја заканата да ја казни една од најголемите економии во светот поради нејзините купувања на руска нафта со попуст.

Тарифите, кои стапија на сила веднаш по полноќ во средата во Вашингтон, ризикуваат да нанесат значителна штета на индиската економија и дополнително да ги нарушат глобалните синџири на снабдување.

Американските царини од 25 проценти за индиската стока стапија на сила претходно овој месец, но Трамп објави планови за удвојување на стапката, наведувајќи ги купувањата на руска нафта од Њу Делхи, за кои Белата куќа тврди дека индиректно ја финансираат војната на Русија против Украина.

Претседателот на САД значително ги зголеми американските царини за стоки од поголемиот дел од светот откако повторно влезе во Белата куќа во јануари, затегнувајќи ги односите со економиите на сојузниците и ривалите и поттикнувајќи стравувања од повисока инфлација.

Овој последен потег ги остава индиските извозници соочени со меѓу највисоките американски царини што Трамп ги воведе за стоки од странство. Бразил, исто така, се бори со царини од 50 отсто за својот извоз во САД.

Министрите во Индија тврдат дека земјата е неправедно издвоена поради нејзините трговски односи со Русија, а официјалните лица предупредуваат дека земјата веројатно ќе соработува потесно со Москва и Пекинг – и ќе се оддалечи подалеку од Вашингтон – како резултат на тоа.

Поголемиот дел од извозот на индиска стока во САД (во вредност од 87,3 милијарди долари за САД минатата година, според трговскиот претставник на САД) сега се соочува со високи давачки, иако некои клучни производи, вклучително и паметните телефони, засега ќе бидат поштедени.

Акцијата, потврдена во известување од Министерството за внатрешна безбедност на САД претходно оваа недела, ги натера некои економисти да предвидат нагло опаѓање на трговијата меѓу двете земји.

„Не ме интересира што прави Индија со Русија“, тврдеше Трамп на Truth Social, неговата социјална мрежа, минатиот месец. „Тие можат да ги срушат своите мртви економии заедно, ич не ми е гајле“.

Во Индија, расположението е пркосно. Владата на земјата одби да го запре купувањето руска нафта, а премиерот Нарендра Моди ги повика Индијците да купуваат локално.

„Сите ние треба да ја следиме мантрата за купување само стоки ‘Произведено во Индија’“, рече Моди во вторникот, охрабрувајќи ги трговците да истакнат големи знаци што ги промовираат домашните производи. „Притисокот врз нас може да се зголеми [од царините], но ние ќе го поднесеме“, додаде тој.

Главниот економист на „Голдман Сакс“ за Индија, Сантану Сенгупта, предупреди дека одржливите даноци од 50% би можеле да го намалат растот на бруто домашниот производ (БДП) под 6%, од прогнозирано ниво од околу 6,5%. Конкурентските извозници од Турција до Тајланд, соочени со пониски американски царини, веќе ги привлекуваат американските купувачи со понуди за поевтина стока.

Околу 30 отсто од извозот на Индија во САД – вклучувајќи фармацевтски производи, електроника, суровини за лекови и рафинирани горива – во вредност од 27,6 милијарди долари, остануваат без царина. Но, секторите како текстил, скапоцени камења и накит, како и морска храна, кои долго време зависат од американскиот пазар, се соочуваат со намалување на нарачките. „Со царина од 50%, многу е тешко да се извезува“, рече Сенгупта.

Дури и ако спорот околу царините се ублажи, довербата во идните односи со Вашингтон е веројатно најголемата жртва.

„Трамп го упропасти тоа. Напорната работа меѓу двете земји, кои по природа не си веруваа една на друга, но сепак успеаја да изградат солиден стратешки однос, сега е во опасност“, рече висок индиски трговски функционер, кој побара анонимност. „Ќе потрае долго време за да се рестартира, а веројатно нема да се случи додека Трамп не си замине“.

„На работно ниво, земјите мора да соработуваат, но политички, ниту едната не може да си дозволи да изгледа слаба“, додаде функционерот.

С. Џаишанкар, министерот за надворешни работи, го нарече барањето на Вашингтон Њу Делхи да престане да купува руска сурова нафта „неоправдано и неразумно“ и го обвини Западот за лицемерие, истакнувајќи дека Европа тргува многу повеќе со Русија. За да избегне дополнителна американска царина, Индија ќе мора да замени околу 42 отсто од увозот на нафта.

Иако Трамп ја обвини Индија дека индиректно ја финансира војната на Русија против Украина преку купувањето на сурова нафта од Кремљ, тој не презеде слични мерки против Кина, уште еден голем купувач.