Кина во првата половина на 2025 година значително го зголеми капацитетот на термоелектраните на јаглен, и тоа повеќе отколку во кое било споредливо полугодие во последните девет години, иако паралелно бележи и рекордно ширење на обновливи извори на енергија.

Според анализата на финскиот Центар за истражување на енергија и чист воздух (CREA), само од јануари до јуни биле приклучени нови електрани на јаглен со вкупен капацитет од 21 гигават. Тоа е највисока бројка за првите шест месеци од една година уште од 2016 година. Очекувањата се дека до крајот на годината вкупниот капацитет ќе надмине 80 гигавати. „И покрај брзата трансформација на енергетскиот систем, изградбата на термоелектрани на јаглен во Кина не покажува знаци на забавување“, наведува CREA.

Истовремено, државата интензивно вложува и во зелена енергија. Според проекциите, до крајот на 2025 година капацитетот на фотоволтаични и ветерни електрани ќе се зголеми за повеќе од 500 гигавати.

За споредба, Германија во 2024 година додала помалку од 20 гигавати од обновливи извори, со што нејзиниот вкупен капацитет достигнал околу 190 гигавати, според податоците на германската Сојузна агенција за регулатива.

Зголемувањето на зелените капацитети веќе има влијание врз намалување на емисиите. Според порталот Carbon Brief, во првата половина на 2025 година вкупните емисии на јаглерод диоксид во Кина биле пониски за еден процент во споредба со истиот период претходната година, додека емисиите само од енергетскиот сектор, кој е најголем извор на стакленички гасови, се намалиле за три проценти.

Ситуацијата ја покажува сложената транзиција на Кина – земја која истовремено гради рекордни капацитети за обновлива енергија, но и задржува силна зависност од јагленот како клучен извор за стабилност на електроенергетскиот систем.