Од 2020 до 2025 година, СОНК кумулативно ги има зголемено платите за приближно 70 проценти. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, истакна дека од јануари 2020 година, кога започнале со зголемување од 10 проценти, до март годинава, кога имале покачување од седум проценти, кумулативното зголемување за сите овие години изнесува 70 проценти.

“Од јануари месец 2020 година, кога почнавме со 10 проценти зголемување, до оваа година во март месец кога имавме зголемување од седум проценти, кумулативно сите овие години зголемувањето изнесува 70 проценти.”

Тој додаде дека овој континуитет ќе продолжи и во наредните три години, согласно договорот со Министерството за образование и наука, каде што платите кумулативно ќе се зголемат од 46 до 52 проценти. “Во зависност од развојната политика и економија во Буџет овие проценти можат да бидат и повисоки”, нагласи Неделков.

Во текот на гостувањето во емисијата „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, Неделков изрази задоволство во однос на висината на платите кај просветните работници и посочи дека СОНК континуирано работи на зголемување на платите во образованието. “Во континуитет се трудиме да ги подигнеме платите во образованието и да дојдеме до нормална висина каде што просветниот работник нема да стравува како ќе го истера месецот од плата до плата.”

Тој информираше дека основната плата за професорите во средно образование е околу 40.000 денари, додека за основно образование изнесува 38.000 денари. “Ова се основите на кои има додатоци за одделенско раководство и други додатоци како минат труд”, појасни Неделков.

Според него, сѐ уште не се постигнати усогласувања помеѓу СОНК и Владата во врска со надоместоците за превоз, како и за процентот на регрес за годишен одмор, кој, според него, мора да биде повисок од она што е предвидено во општиот колективен договор. “За додатокот за класно раководство ги усогласивме ставовите, додека за превоз, за жал, сѐ уште не сме усогласени. Процентот за регресот за годишен одмор не ни утврден, тој мора да биде повисок од тоа што е во општиот колективен договор, е сега, колку е тоа повисок се уште имаме различни толкувања.”

Неделков изрази убедување дека по завршувањето на локалните избори ќе се изнајде решение, со оглед на тоа што во моментов се подготвува Буџетот за 2026 година и треба да се предвидат дополнителни средства за прашањата кои се предмет на преговори и се од стратешки интерес и за Синдикатот и за Владата. “Се надевам дека со новата фискална година од 2027 година дека тие новини ќе се применуваат”, рече Неделков.

Во однос на подготвеноста на училиштата за почеток на новата учебна година, Неделков наведе дека дел од наставниците присуствувале на соодветни обуки поврзани со новите наставни програми, а исто така нагласи дека инфраструктурата во училиштата низ земјата е значително подобрена. “Дел од наставниците беа на соодветни обуки по некои новини кои што се реализираат со новите наставни програми, а во однос на инфраструктурата знам дека доста училишта се инфраструктурно подобрени со реновирани тоалети и училници.”

Тој додаде дека обезбедувањето на наставни средства е одговорност на организаторите на воспитно-образовниот процес, но дека изјавите на Министерството за образование се во позитивна насока. “Во овој момент не можеме да кажеме дали сме задоволни или не, како наставници сме спремни, но ќе видиме со кои предизвици ќе се сретнеме, така што оставам простор за дополнително изјаснување”, рече Неделков.

На прашањето дали наставници по етика или филозофија пријавиле проблеми во СОНК, имајќи ја предвид најавата за укинување на овие предмети, Неделков одговори дека за среќа, досега немало такви укажувања. Тој спомена дека во текот на денот до СОНК пристигнале жалби од наставници кои сметаат дека часовите се неправилно распределени, но дека тоа се индивидуални случаи. “Во текот на денешниот ден имаме безброј јавувања и жалби од страна на наши колеги кои што сметаат дека неправилно се распределени часовите во однос на нивното училиште, а можеби на ниво на општина. Тоа се индивидуални случаи кои мораме да ги решаваме, меѓутоа како група наставници на предмети по етика, за среќа, немаме јавувања или укажувања дека имаат проблем со наставни часови”, заврши Неделков.