Бугарија изразува резерви кон предложениот пакет за измени во регулативата на ЕУ за фармацевтскиот сектор, стравувајќи дека тие би можеле да ги поткопаат националните политики на земјите членки во оваа област и да предизвикаат зголемување на цените на лековите.
Измените, иницирани од Европската комисија, имаат за цел поттик на иновациите во фармацевтскиот сектор и подобрување на пристапот до лекови низ целата Европска унија, но Софија смета дека со нив ќе бидат воведени униформни правила што ги игнорираат локалните услови и би можеле да ги принудат помалите пазари, како бугарскиот, да имаат цени за лековите на ниво на оние во побогатите земји.
– Би било неприфатливо да се постигнат компромисни решенија што ја ограничуваат слободата на проценка, ги демонтираат ефикасните национални решенија и методологии, ја прекинуваат врската помеѓу потребите и буџетот за лекови или водат до изедначување на цените, оцени бугарското Министерство за здравство.
Главна цел на измените е подобрување на пристапот до лекови во сите земји на ЕУ, но Софија пред се се фокусира на нивната цена и на контролата врз националните фармацевтски политики, инсистирајќи дека предвидливоста и стабилноста на секторот се од суштинско значење за индустријата и за членките на блокот.
Проблемот со нееднаквиот пристап до лекови, пред се до иновативни терапии, во некои земји на ЕУ се поврзува со нивната големина, бидејќи фармацевтски компании немаат преголем интерес за влез на релативно помалите пазари, што создава проблеми во набавката на некои медикаменти.
За надминување на овој проблем со реформите, меѓу другото, се предвидува забрзување на процедурите за одобрување на лекови, воспоставување на механизми за справување со нивниот недостиг и овозможување на безбедност во снабдувањето со лекарства.
Процесот на усвојување на реформите на фармацевтската регулатива во моментов е во фаза на „тријалог“, односно на преговори меѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент со учество на Еврокомисијата за усогласување на предложените измени.
Во текот преговорите за време на претходното Полско претседателство со ЕУ беше постигнат компромис за измени за некои предложени одредби од регулативата, но се уште не е усогласена содржината на целиот текст.
ЕК се надева дека конечната верзија на предлог-реформите ќе биде усогласена во текот на Данското претседавање со Унијата, односно до крајот на оваа година, но извори во Советот на ЕУ се воздржуваат да прогнозираат дека договор ќе биде постигнат до декември.