Економијата на Еврозоната порасна за 1,5 проценти на годишно ниво во вториот квартал од 2025 година, што е малку повеќе од претходната проценка за раст од 1,4 проценти, објави денес Евростат.

Ова е мало забавување во споредба со првиот квартал од 2025 година, кога годишниот економски раст беше регистриран за 1,6 проценти.

Меѓу најголемите економии на блокот, Германија забележа скромен годишен раст од 0,2 проценти, Италија 0,4 проценти, Франција 0,8 проценти, додека Шпанија се издвојува во оваа група со висок раст од 2,8 проценти.

На квартално ниво, економскиот раст на Еврозоната изнесуваше само 0,1 процент, што е најслабиот резултат од крајот на 2023 година. Скромниот раст е последица на помалата потрошувачка на домаќинствата, како и падот на инвестициите и извозот.

Германската економија падна за 0,3 проценти во споредба со првиот квартал од 2025 година, а Италија забележа пад од 0,1 процент. Спротивно на тоа, француската економија порасна за 0,3 проценти, а шпанската економија за 0,7 проценти, според веб-страницата на Евростат.

Еврозоната продолжува да бележи скромен годишен раст, но кварталните податоци покажуваат забавување на економската активност под влијание на глобалната неизвесност и намалените инвестиции, јавуваат медиумите, пренесува Танјуг.