Хрватското здружение на работодавачи (ХЗР) се залага за „деполитизација“ на прилагодувањето на минималната плата преку автоматска индексација поврзана со инфлацијата и продуктивноста, истовремено предупредувајќи дека три пати побрзиот раст на „минималната“ плата во Хрватска од просекот на ЕУ не е придружен со раст на продуктивноста, објави Сеебиз.

Главниот економист на ХЗР, Хрвоје Стојиќ, во петокот во публикацијата „Фокус на неделата“, вели дека Хрватска, како и Германија, се соочува со структурните проблеми и со предизвикот како да го базираат растот на платите и социјалните права со продуктивноста, БДП и фискалниот капацитет.

– Во Германија, неодржливоста на социјалната држава е нагласена поради падот на конкурентноста и фискалните притисоци, додека во Хрватска, растот на минималната плата и масата на плати во јавниот сектор создаваат зголемени трошоци за работна сила и притисок врз конкурентноста на домашната економија, објаснува Стојиќ.

Во земјите од Европската Унија, Хрватска е лидер во растот на приходите, при што минималната плата се зголеми за 92 проценти од 2019 година, три пати побрзо од просекот на ЕУ, но растот на платите не е придружен со пропорционално зголемување на продуктивноста, што има негативни ефекти во многу индустрии.

Како дополнителен поттик на цената на трудот, се зголемените буџетски трошоци за плати во државниот сектор, кои се зголемија  за 58 проценти во последните две години и се дуплирала во споредба со 2018 година, на 12,3 милијарди евра, или 13,3 проценти од БДП. Ова ја става Хрватска на третото место по уделот на сметката за плати во БДП, зад далеку поразвиените Данска и Финска.

Тие исто така истакнуваат дека Хрватска е една од ретките членки на ЕУ каде што просечната плата во јавниот сектор е повисока отколку во приватниот сектор.

– Наместо да се искористи можноста за рекордно ниска невработеност за префрлање на вработените од јавниот во приватниот сектор и безболно намалување на администрацијата, очигледно е дека јавниот сектор сè повеќе го истиснува приватниот сектор од пазарот на трудот, сметаат хрватските работодавачи.

Тие наведуваат дека јазот помеѓу растот на минималната плата (10,1 процент) и бруто додадената вредност по вработен (6,7 проценти), односно индикаторот за продуктивноста на трудот, е особено загрижувачки. Последиците се пад на конкурентноста на цените, особено во извозните и трудоинтензивните сектори, како што се индустријата, туризмот, трговијата и градежништвото, како и затворањето и преместувањето на фабриките и стагнацијата на маржите и инвестициите, предупредуваат од Хрватското здружение на работодавачи.

Тие исто така забележуваат дека продуктивноста на трудот останува значително под просекот на Унијата и регионот на Централна и Источна Европа, а истражувањето на Хрватската народна банка (ХНБ) покажува дека растот на платите е главен двигател на инфлацијата, а не профитот на компаниите, објави Сеебиз.