Цените на угостителските услуги не престануваат да растат, но тоа не ги спречува граѓаните да одат во кафана. Угостителите потврдуваат дека последниве неколку години има постојан раст на цените во рестораните, кафаните и кафулињата. Храната е поскапена за 50 отсто, а цените на пијалаците за 30 до 40 отсто. Но, и покрај високите цени, кафеаните се полни и не може да се најде слободно место. Речиси секаде е потребна резервација, а за викендите доколку не резервираш претходно тешко можеш да најдеш слободна маса. Во некои ноќни барови, пак каде што има живи свирки треба да резервираш место и една недела однапред. Освен во Скопје и во Охрид летово цените во рестораните и кафулињата ги запрепастија туристите.

Но, и покрај тоа што цените во кафаните и кафулиња веќе не се прифатливи за сечиј џеб, одењето на кафе стана дел од секојдневниот живот на граѓаните. Во кафулињата едно кафе чини над 100 денари, а некаде достигнува и до 200 денари, обична или кисела вода од 0,33 мл се продава меѓу 90 и 100 денари, додека онаа 0,75 мл е од 150 до 180 денари во зависност од локалот.

Голем дел од угостителите високите цени ги правдаат со инфлацијата. Велат дека се принудени да ги зголемуваат цените во менија, бидејќи не може да работат со стари цени во услови кога цените на храната во маркетите и на пазарите се многу покачени.

-Последните три години набавните цени на храната се двојно зголемени, па поради тоа и ние моравме да ги зголемиме за 50 отсто. Така на пример набавната цена на ќебапите беше 190, сега е 290 денари, на колбасите од 260, цената им се качи на 460 денари за килограм. Цената на една шарска плескавица, која е најевтина, е 250 денари, на свинска вешалица 270 денари…, односно цената на едно парче месо е од 250 до 300 денари. И цените на пијалаците се покачени за 30 до 40 отсто, вели сопственик на една скопска кафеана.