КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ ДВАЈЦА ПОРАНЕШНИ УПРАВИТЕЛИ НА „ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ“ ДОО КАВАДАРЦИ

Управата за финансиска полиција поднесе до Основното јавно обвинителство Кавадарци кривична пријава против лицата Г. К. и А. Ц., поради основано сомнение дека ги извршиле кривичните дела намерно предизвикување стечај (член 254 став 1 од Кривичниот законик) и оштетување или повластување доверители (член 257 став 3 во врска со став 1 од КЗ).

– Според собраните докази, првопријавениот Г. К., како управител на „Еуроникел индустри“, во периодот од 21.1.2019 до 5.5.2023 година, и второпријавениот А. Ц., во својство на управител, во периодот од 21.1.2019 до 14.10.2022 година, склучиле договори со компанијата „Арров металс енд трејдинг АГ“ – Швајцарија, 02.12.2021 година, со кои го довеле друштвото во исклучително неповолна положба. Договорите предвидувале обврска „Еуроникел индустри“ да ја купува никеловата руда по берзанска цена, а да го продава готовиот производ – фероникел по цена најмалку 30 проценти пониска од берзанската, со што практично се пренесувала целокупната добивка кон странската компанија – појаснуваат од Финансиската полиција.

Дополнително, пријавените, без преземање мерки за наплата на побарувањата, му овозможиле на „Арров металс енд трејдинг АГ“ да се презадолжи, при тоа до крајот на 2022 година долгот достигнал 1.962.633.269,46 денари. Поради тоа, „Еуроникел индустри“ бил доведен во неликвидна состојба и била отворена стечајна постапка.

– Свесното пропуштање да се заштити имотот на компанијата дополнително му овозможило на странскиот партнер засметување пенали во вредност од 1.255.832.929,00 денари. Со ваквите дејства, пријавените намерно предизвикале стечај на „Еуроникел индустри“ ДОО Кавадарци и предизвикале вкупна штета од 1.669.019.482,00 денари, од кои 98.981.806,00 денари штета за буџетот на Република Македонија – се посочува од Управата за финансиска полиција.