Мексико најави дека ќе ги зголеми царините за увоз на автомобили од азиските земји на 50 проценти, со цел да заштити повеќе од 300.000 работни места во домашната индустрија. Министерството за економија наведува дека ова се однесува на земји со кои Мексико нема трговски договори, вклучувајќи ја Кина, Јужна Кореја, Индија, Индонезија, Русија, Тајланд и Турција.
Според министерството, предложеното зголемување ќе опфати 8,6 проценти од вкупниот мексикански увоз, со вредност од 52 милијарди долари. Дополнително, планирани се царини од 35 проценти за челик, играчки и мотоцикли, додека во текстилната индустрија тарифите би се движеле помеѓу 10 и 50 проценти.
Министерот за економија, Марсело Ебрард, изјави дека целта е да се обезбеди фер конкуренција, бидејќи кинеските автомобили се продаваат на мексиканскиот пазар по цени значително пониски од „референтната вредност“. Со новите царини, владата очекува да го заштити домашното производство и работните места.
Предлогот за зголемување на царините сè уште треба да биде одобрен од парламентот, каде владата има значително мнозинство.