Германскиот извоз ќе се намали за 2,5 проценти оваа година, предвидува индустриското здружение BGA. Здружението процени дека проблемите на германските компании се влошени од агресивната царинска политика на САД и домашните бирократски пречки.
Минатата година, Германија извезе стока во вредност од 1.549 милијарди евра, што претставува намалување од 1,7 проценти во споредба со 2023 година. Во првите шест месеци од оваа година, вкупниот извоз изнесуваше околу 786 милијарди, според податоците на Федералниот завод за статистика.
Економијата на Германија, која се мачи со две последователни години рецесија, е во голема мера зависна од извозот, но многу од нејзините клучни сектори се силно погодени од царините што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп.
Од 7 август, поголемиот дел од извозот од Европската Унија во САД е предмет на основна царинска стапка од 15 проценти, а за челик или алуминиум има царини до 50 проценти.
Извозот на Германија во САД, нејзиниот главен партнер, падна во јули четврти месец по ред, што е најниско од декември 2021 година, пренесува Бизнис.рс.