– Ако бидат добри параметрите од Статистика, која досега покажа дека имаме тенденција на задржување на цените, дури и на намалување, ние немаме потреба од такви мерки. Ние ви помагаме вам, трговците, со тоа што нема да донесеме вакви непазарни мерки, а вие треба да ни помогнете нам и на граѓаните да го зачуваат животниот стандард, односно да нема непазарно зголемување на цените на производите, особено на домашните производи – изјави заменик-министерот за економија, Марјан Ристески. И бизнис-секторот, на денешната работна средба со синџирите маркети, побара поддршка на домашните компании и купување македонски производи, со цел јакнење на целата економија

Бизнис-секторот со апел за поддршка на домашните компании и за купување домашни производи. Со цел да се подигне свеста кај потрошувачите за домашните производи, да се стимулира производството и да се поддржат домашните компании, бизнисот ја поддржа кампањата „Македонско најдобро“. Оваа кампања, како што беше речено во Стопанската комора, во иднина, освен со домашни земјоделски производи, ќе биде проширена и со производи од кондиторската и со други прехранбени производи.

– Поддршката на домашните компании од страна на синџирите маркети е многу значајна, бидејќи и вработените во тие компании пазаруваат во домашните маркети. Ако ги отпуштиме, нашите вработени ќе си заминат од државата со своите семејства и на тој начин и маркетите ќе ги загубат како свои клиенти потрошувачи. Јас мислам дека се заемни таа соработка и поддршката што треба да ја имаат домашните компании од синџирите маркети и обратно. Ја поддржуваме кампањата на Министерството за земјоделство за купување домашни земјоделски производи и сметаме дека треба да се прошири иницијативата за целата домашна индустрија, ќе биде од корист за државата – изјави Глигор Цветанов, сопственик на „Макпрогрес“.

Тој рече дека, и покрај пожарот што избувна во фабриката, пред неколку дена, ќе ги задржи сите 100 вработени што работеле во изгорениот погон и ќе го прошири производството, за што доби голема поддршка од компаниите членки на Комората и од целата бизнис-заедница.

Претседателот на Комората, Бранко Азески, рече дека солидарноста треба да стане вообичаена практика во вакви ситуации, кои, за жал, оставаат сериозни последици врз функционирањето на општеството, економијата и на животите на луѓето.

– Апелираме секој да учествува со своите можности и да купи производи од „Макпрогрес“ и со тоа практично да вгради по една од овие тули во обновените погони, за кои менаџментот на компанијата рече дека ќе бидат обновени во најбрзо време што е можно и дека ќе бидат ставени во функција. Се воодушевувам од оптимизмот што го има првиот човек на компанијата во вакви моменти, дека ќе биде обновена компанијата, ќе го зголеми производството и дека ќе ги задржи сите 100 вработени во компанијата – рече Азески.

Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, упати апел до синџирите маркети да ги помогнат сите македонски производи што се на рафтовите.

– Преку кампањата на Министерството за земјоделство „Македонско најдобро“, која е масовно поддржана и позитивно прифатена од трговците и од граѓаните, даваме поттик за македонските производи и производствени капацитети. Постепено треба да ја зголемуваме свеста дека македонските производи навистина се квалитетни и им се конкурентни на сите други производи што доаѓаат од увоз и од Европа. Кога се конкурентни нашите прехранбени и земјоделски производи на странските пазари, зошто да не ги поддржиме ние тука домашните производи и капацитети, со цел да работат подобро, да вработуваат луѓе и да ги задржиме младите во државата. Тоа не е борба само на Владата туку и заедничка борба на сите нас за да опстои државата, да има млади работоспособни кадри и компаниите да немаат проблеми при наоѓањето работна сила. Тоа, од друга страна, ќе придонесе да го зголемиме животниот стандард и да отвориме нови работни места – рече Ристески.

Тој уште еднаш апелираше да се поддржи оваа кампања – „Македонско најдобро“, која започна со земјоделски производи, а наредниот чекор ќе биде проширување со кондиторски и со прехранбени производи што се произведуваат во нашата држава.

Ристески истовремено ги повика синџирите маркети да се почитува Законот за нефер трговски практики, кој има цел да се воведе ред во односот помеѓу производителите, дистрибутерите и трговците. Со тоа ќе се нормализираат цените, ќе нема големи турбуленции, ќе се избегнат оние непотребни, непазарни мерки како што се одлуките за ограничување на цените, маржите… а, од друга страна, ќе имаме понизок степен на инфлација, подобар животен стандард и позадоволни граѓани.

– Ако бидат добри параметрите од Статистика, која досега покажа дека имаме тенденција на задржување на цените, дури и на намалување, ние немаме потреба од такви мерки. Ние ви помагаме вам, трговците, со тоа што нема да донесеме вакви непазарни мерки, а вие треба да ни помогнете нам и на граѓаните да го зачуваат животниот стандард, односно да нема непазарно зголемување на цените на производите, особено на домашните производи. Една од главните цели на Законот за нефер трговски практики не е само интервенирањето во договорите што постојат меѓу производителите, набавувачите и трговците туку и да не ги става македонските производи  во подредена ситуација во однос на производите што доаѓаат од увоз – рече Ристески.

Инаку, од компанијата „Макпрогрес“ изјавија дека обновата на фабриката ќе биде набрзо, оти сите вработени ќе се вратат на работните места и најавија намалени цени за над 10 отсто на преку 100 производи, како и акциски продажби со 15 отсто попуст на другите производи на компанијата.