Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во интервју за Рацин.мк вели дека влезот на Алта Банка од Србија на македонскиот пазар преку купување на Стопанска банка Битола, може да ја загрози финансиската стабилност на државата.

Како главен аргумент за тоа Јовановиќ наведува дека за Алта Банка, Европската централна банка има отворено истрага за можно перење пари, додавајќи дека Гувернерот на НБРМ не треба да дозволи влез на оваа банка на македонскиот финансиски пазар.

Дополнително, додава тој, во Австрија, Алта Банка е позната како банка која била казнета лани поради прикривање на информации.

Рацин.мк: Што значи влегување на српска банка на македонскиот финансиски пазар во моментов?

Мислам дека прашањето тука воопшто не е од каде е таа банка, туку каква е таа. А Алта банка е добро позната како контроверзна банка, која ја следат многу скандали. Во Србија е позната како банка која е блиска до владеачката партија и која профитираше од повластени договори со неколку државни фирми кои напплатата ја вршеа преку неа. Во Австрија е позната како банка која беше казнета лани поради прикривање на информации. Во Европската унија е позната како банка против која Европската централна банка води истрага за можно перење пари, за што пишуваше Фајненшл тајмс, случај, кој колку што можев да видам, сè уште не е затворен. Знаејќи го сето ова, навистина не гледам што добро може да донесе една ваква банка, и мислам дека само може да направи проблеми.

Каков е рејтингот на Алта банка, кој стои зад неа?

Доволно е само да се изгугла името на банката за да се види дека нејзиниот сопственик е близок со српскиот претседател Вучиќ и до неговата Српска напредна странка, и дека има бројни стории за тоа како сè тој се има богатено поради овие врски, не само преку банката. Од друга страна, банката не е позната како некоја од главните играчи на банкарскиот пазар во Србија, има само околу 2% пазарно учество, не е позната како банка која го револуционизира пазарот, која донела нешто ново за потрошувачките.

Каква е улогата на Народната банка на Северна Македонија во вакви случаи и на гувернерот во една ваква операција?

Гувернерот дефинитивно може да не го одобри преземањето на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка, со образложение дека станува збор за банка која ја следат контроверзи и скандали и за која дури и Европската централна банка (ЕЦБ) води истрага. И не само што може да го направи тоа, туку мислам дека и мора во оваа ситуација. Да дозволите на пазарот да ви влеза банка за која Фајненшл тајм пишува дека ЕЦБ води истрага за перење пари – мислам дека е навистина непрофесионално, и може да ја наруши финансиската стабилност во земјата.

Што треба да се очекува на банкарскиот пазар доколку дојде до преземање на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка?

Големи промени на банкарскиот пазар нема да има, затоа што не верувам дека мотивите на оваа банка се да го освојува пазарот или да го модернизира. Таа ни во Србија не е позната по тоа. Мотивите мислам дека се од друга природа – ќе им овозможи на таа група бизнисмени и политичари од Србија пристап до македонскиот пазар, што може да биде многу корисно ако има промена на власта во Србија наскоро, што мислам дека е веќе извесно. Она што не ми е јасно во целата ситуација е кои се мотивите на македонските власти. Не можам да видам што би добиле тие, освен провизии од продажбата. Можеби и тоа им е доволно.