Компанијата има мнозински руски капитал
Утрово стапија на сила санкциите на САД за Нафтената индустрија на Србија, поради мнозинскиот руски капитал во компанијата, а НИС ја информира јавноста дека не им е продолжена посебната лиценца на Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави, која овозможува непречено оперативно работење. Од компанијата велат дека приоритети ќе им бидат редовното снабдување со нафтени производи на домашниот пазар, како и зачувувањето на социјалната стабилност на вработените.
Директорката на малопродажниот оддел на НИС, Бојана Радојевиќ, изјави дека Нафтената индустрија на Србија подготвено ги дочека американските санкции што стапија на сила утрово во шест часот, дека се обезбедени доволни залихи на нафтени деривати и сурова нафта и рече дека нема причина за паника или создавање редици на пумпите.
„Нашите бензински пумпи се оптимално снабдени со сите видови нафтени деривати, што значи дека имаме доволни количини на залихи, а компанијата исто така вложи напор да обезбеди доволни количини сурова нафта, што е исклучително важно за нас за понатамошно производство“, изјави Радојевиќ за Танјуг.
Таа им порача на граѓаните дека нема причина за паника и нема потреба да се губи време чекајќи во редови.
„Кај нас, продажбата се одвива како во редовниот режим. Нема ограничувања кога станува збор за количините што граѓаните можат да ги земат, па затоа нема потреба да се прават залихи, бидејќи снабдувањето ќе биде редовно и во наредниот период“, истакна Радојевиќ.
Таа додаде дека платниот промет сè уште функционира нормално, но дека може да се случи да биде прекинат во текот на денот.
„Доколку во одреден момент има промена, ќе имаме други начини на плаќање, односно нема многу да влијае на нашето работење, потрошувачите ќе можат да ги купуваат нашите горива и производи со готовина. Тоа е суштинскиот и најзастапен начин на плаќање во нашите малопродажни продавници, верувам на ниво на цела Србија. Потоа сите платежни картички Дина ќе бидат опција за плаќање, апликацијата за М-банкарство на сите банки и секако нашата апликација“, рече таа.