Реакциите не престануваат откако Владата усвои измени и дополнување на Законот за данок на додадена вредност со што ќе се укине ослободување од ДДВ за онлајн нарачки до 22 евра.
Според државните органи со овие измени ќе има позитивен ефект врз домашанта економија и работењето на домашните компании. Од Асоцијацијата за е-трговија велат дека ова предлог решение ги следи промените кои ЕУ ги направи пред неколку години, но оттаму велат дека прашање е колку нашиот систем е подготвен за вакви промени, но и за тоа дека нема да влијае позитивно на едукација на пазарот.
Нина Ангеловска Станков-претседател на Асоцијација за е-трговија
„Сметам дека треба сериозна припрема за ваквото решение од страна на сите оператори и тоа поштата, поштите за брзи пратки, царината. Во ЕУ има „One stop shop “ систем со што данокот го наплатува продавачот. Купувачот нема никаков административен товар или процедури кои треба да ги сноси. Со оглед на тоа дека ние не сме подготвени за ваков систем, тоа ќе значи администрација и товар за купувачите кои би се обезхрабриле за онлајн купувања од надвор.“
Претходно, од министерството за финансии излегоа со став дека со преземањето на вакви мерки и измени ќе се зајакне домашната економија и ќе се даде поддршка на локалните компании и ќе се отворат нови работни места.
Министерство за финансии
„Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените. Измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.“
По локалните избори се чека овој предлог-закон за измени на Законот за додадена вредност, да се усвои. Со ова би се укинало ослободување од плаќање ДДВ за производите од странство во износ до 22 евра. Тоа ќе значи автоматско поскапување на сите нарачки за 18%. Во моментов за пратки до 22 евра нема дополнителни трошоци, а за над 45 евра се пресметува царина и ДДВ.
Овие измени на правилата за електронска трговија доаѓаат во време кога енормно е порасната вредноста на направените онлајн трансакции. Официјалните податоци на Народната банка велат дека во првите шест месеци од годинава направени се онлајн трансацкии во вредност од 456 милиони евра или близу 35% повеќе споредено со минатата година.
Даночните експерти се на став дека интернет продажбата и е-плаќањето влијае врз намалување на сивата економија, тука се поставува прашањето дали овие измени и зголемени давачки ќе влијаат врз намалување на трендот граѓаните да купуваат по алтернативниот начин.