Грчката влада предвидува даночни намалувања за стотици илјади сопственици на имот и директна финансиска помош за еден милион домаќинства кои живеат како потстанари, како дел од стратегијата за справување со тешката станбена ситуација, пренесе агенцијата АНА-МПА.
Според нацрт-буџетот за 2026 година, кој го презентираше министерот за национална економија и финансии, Кириакос Пиеракакис, вкупната вредност на овие мерки достигнува речиси половина милијарда евра.
Првата мерка, која ќе отпочне за еден месец, предвидува надоместок во висина на една месечна кирија за повеќе од еден милион корисници, до сума од 800 евра. Таа ќе важи и за студентски домови, со што се опфаќаат приближно 80 проценти од сите оние кои престојуваат во изнајмен објект.
Пакетот мерки треба целосно да се реализира во 2026 година, а во него е вклучено и продолжување на рестрикциите за краткорочно издавање за туристички цели во Атина до истата година, со цел да се обезбедат станови за долготраен закуп.