Кинеското Министерство за транспорт објави детален документ кој пропишува посебни пристанишни такси за бродови во сопственост или управувани од американски компании, организации и поединци.

Ова е одговорот на Кина на неодамнешните рестриктивни мерки на САД против кинескиот бродски сектор, пренесе „Танјуг“.

Документот, кој содржи 10 члена, го наведува обемот и стандардите на таксата, субјектите одговорни за таксата, видовите патувања што подлежат на таксите, како и датумот на спроведување и други технички детали, објави „Синхуа“.

Според соопштението, исклучоци ќе важат за бродови изградени во Кина, празни бродови што влегуваат на поправки и други случаи што се сметаат за оправдани за ослободување од плаќање.

Министерството соопшти дека износот и обемот на таксите ќе бидат динамички прилагодени според економските и политичките околности во времето на спроведување.

Мерките стапуваат на сила денес откако САД воведоа дополнителни пристанишни такси за кинеските бродови како дел од истрагата за Законот за трговија, во која Вашингтон го обвинува Пекинг за „нефер практики“ во бродоградбената индустрија.

Кинеското министерство соопшти дека американските мерки ги кршат правилата на Светската трговска организација (СТО) и Договорот за поморски транспорт меѓу Кина и САД и претставуваат „сериозна штета“ на билатералната поморска трговија.

„Одлуката на Кина да воведе специјални пристанишни такси за американските бродови е оправдана и неопходна мерка за заштита на легитимните интереси на кинеската индустрија и создавање фер конкурентска средина во меѓународниот бродоградбен сообраќај“, се вели во соопштението на министерството.