Претседателот на Полска го потпиша новиот закон со кој се воведува нулта стапка на данок на доход за родителите со најмалку две деца.

Мерката, дел од поширокиот пакет реформи наречен „даночен оклоп“, има за цел да ги поддржи семејствата, да ги зголеми приходите на домаќинствата и да ја поттикне економската активност во земјата.

Законот, кој го предложи претседателот Карол Навроцки во август, предвидува дека семејствата чии годишни приходи по родител не надминуваат 140.000 злоти (околу 33.000 евра) ќе бидат целосно ослободени од плаќање на персонален данок на доход. Правото на олеснување ќе го имаат и старателите и згрижувачките семејства. Според пресметките на претседателскиот кабинет, просечното полско семејство ќе има околу 1000 злоти (приближно 235 евра) повеќе месечно на располагање.

Вистинскиот ефект ќе се види во 2027 година

Иако законот стапува во сила веднаш, неговите финансиски ефекти ќе станат видливи дури во текот на 2027 година, при поднесувањето на даночните пријави за 2026. Главната цел е да се намали даночниот товар врз семејствата и да се стимулира потрошувачката и вработеноста.

Покрај оваа мерка, пакетот „даночен оклоп“ вклучува и намалување на ДДВ-то, како и укинување на данокот на капитална добивка, со што владата се надева дека ќе создаде поповолна бизнис-клима.

Кој најмногу ќе има корист?

Иако властите тврдат дека програмата ќе се финансира преку затегнување на други даночни механизми, економистите предупредуваат дека најголема корист ќе имаат повисоките слоеви на општеството.
„Семејствата со ниски приходи, кои веќе плаќаат малку или воопшто немаат данок, ќе почувствуваат минимален ефект“, вели Пјотр Јушчик, главен даночен советник во inFakt.

На пример, семејство со месечен приход од 7000 злоти (околу 1650 евра) ќе заштеди приближно 395 злоти (93 евра) месечно, додека оние со 12.000 злоти (2825 евра) приход ќе уштедат околу 913 злоти (215 евра), односно повеќе од 11.000 злоти годишно.

Поддршка од јавноста

Пред донесувањето на законот беа одржани јавни консултации со 476 учесници. Резултатите покажаа висока поддршка – 76% од испитаниците го сметаат законот за потребен, додека само 16% се изјасниле против. Повеќе од две третини од учесниците позитивно го оцениле и економскиот потенцијал на реформата.

Со овој потег, Полска се приклучува на групата европски земји што преку фискални стимули настојуваат да ја поддржат семејната политика и да го ублажат падот на наталитетот.