Германските експерти за сајбер криминал блокираа повеќе од 1.400 нелегални веб-страници што биле користени за масовни измами. Лажните страници за тргување беа користени за измама на клиентите, соопштија германските власти.
Операцијата беше насочена кон „измама со сајбер трговија“, според заедничкото соопштение на центарот за кибер криминал на покраината Баден-Виртемберг и криминалната полиција, во соработка со Германскиот орган за надзор на финансискиот пазар (BaFin).
Измамите преку нелегални веб-страници станаа широко распространети во последниве години, а бројот на случаи постојано расте, објавува dpa.
На некои страници, лековерните клиенти се намамени да инвестираат големи суми со надеж дека ќе најдат профитабилна инвестициска можност.
Како дел од „Операцијата Херкул“, 1.406 активни нелегални домени беа затворени во соработка со европската полициска агенција Европол и бугарската полиција.
– Домените што сега се блокирани имале за цел да ги измамат потрошувачите и да ги намамат наводно да инвестираат во манипулирани платформи за тргување – се вели во соопштението.
„Кол центрите“ регрутираат жртви
Непознатите сторители работат меѓународно, но „намерно се насочени кон германскиот пазар и луѓето што живеат и престојуваат во Германија“.
Измамниците отвораат лажни платформи за тргување без лиценца од BaFin и користат „кол центри“ за да ги охрабрат жртвите да инвестираат пари во шемата.
– Поради професионалниот пристап на сторителите и употребата на лажни платформи за тргување, многу жртви не сфаќаат со месеци дека биле измамени и се мотивирани да продолжат да вршат плаќања – се вели во соопштението.
Измамничките домени сега се пренасочуваат кон страница со предупредување за кривичното дело.
Откако властите ги пренасочија страниците, тие регистрираа околу 866.000 посети, што го покажува обемот на проблемот.
Во слична операција во јуни, властите блокираа околу 800 нелегални домени. Оттогаш, околу 5,6 милиони корисници се обиделе да пристапат до тие страници повеќе од 20 милиони пати.