Цените на златото вчера малку се опоравија откако нивниот спектакуларен пораст претходниот ден беше нагло запрен. Имено, цената на овој благороден метал во средата падна за повеќе од 5 проценти, што претставува најголема распродажба во повеќе од една деценија, објавува CNN.

Падот на цената на златото, кое традиционално се смета за безбедно засолниште во нестабилни времиња, следеше откако инвеститорите одлучија да профитираат по рекордниот пораст. Друга причина е оптимизмот пред новата рунда трговски разговори меѓу американските и кинеските претставници.

Унца злато вчера се тргуваше на пазарот по цена од 4.141,48 долари, што претставува раст од помалку од 0,4 проценти. Ден претходно, во вторникот, спот цената на златото падна за дури 6,3 проценти, на 4.082,03 долари за унца, откако достигна рекордно ниво од 4.381,21 долари во понеделник.

Фјучерсите за злато во САД го завршија денот со пад од 5,7 проценти, на 4.087,70 долари, што е најголем процентен пад од април 2013 година. Цените на среброто и платината, исто така, нагло паднаа во вторник – среброто се намали за 7 проценти, а платината за 5 проценти.

Аналитичарите истакнуваат дека распродажбата се случила по недели интензивно купување, што ја доведе цената на златото до прегреано ниво. Во 2025 година, златото оствари историски добивки, зголемувајќи се за повеќе од 50 проценти, надминувајќи дури и турбулентни периоди како оние по нападите од 11 септември, финансиската криза во 2008 година или пандемијата КОВИД-19.

Само во последните два месеци, цените се зголемија за 25 проценти, поттикнати од побарувачката поттикната од растечкиот државен долг на САД, политичката несигурност и шпекулациите дека Федералните резерви дополнително ќе ги намалат каматните стапки.