Скопје и Македонија од 28 до 30 октомври 2025 година ќе бидат во центарот на светската енергетска сцена, со одржувањето на 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14) под мотото „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија“.

Настанот ќе собере над 1000 учесници од повеќе од 70 земји, меѓу кои високи претставници на меѓународни институции, економски лидери, академици и експерти. Форумот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Северна Македонија, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на ОН.

Свеченото отворање на форумот ќе се одржи на 28 октомври во Македонска филхармонија и ќе биде пренесувано во живо преку Македонската радиотелевизија (МРТВ). На настанот ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски, министерката Сања Божиновска, постојаниот претставник на ОН Армен Григорјан, извршната секретарка на UNECE Татијана Молчан и други високи претставници на владите и енергетскиот сектор.

Во текот на тридневниот форум, ќе се одржат панел-дискусии, технички сесии и тематски разговори за актуелни прашања како енергетска безбедност, финансирање на чиста енергија, дигитализација, управување со критични суровини, праведна транзиција и улогата на младите и жените во енергетската трансформација.

Во рамките на форумот ќе биде потпишана „Скопје декларацијата“, која ќе ја документира заложбата на земјите учеснички за одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина, зацврстувајќи ја позицијата на Македонија како кредибилен партнер во глобалната енергетска транзиција.