Откритието добива дополнителна тежина од фактот што новото наоѓалиште содржи 138 грама злато на тон руда, што е исклучително профитабилна вредност, реткост во рударството на злато.
Како што објавува „Популар Механикс“, кинеските геолози откриле повеќе од 40 златни вени што содржат приближно 330 тони златна руда, кои се протегаат до длабочина од 2.000 метри, за време на првичното истражување под рудникот за злато Вангу во покраината Хунан.
Сепак, кога подоцна направиле тродимензионални модели, откриле дека локацијата е многу поголема и дека вкупната количина на руда може да достигне 1.100 тони, а златните вени може да се протегаат до 3.000 метри длабочина. Доколку моделите се точни, целото наоѓалиште би вредело околу 83 милијарди долари (нешто над 71 милијарда евра).
На откритието му се дава дополнителна тежина поради фактот што новото наоѓалиште содржи 138 грама злато на тон руда, што е исклучително профитабилна вредност, реткост во рударството на злато, пишува N1.
„Многу од дупчените карпи содржеле видливо злато“, изјави за државните медиуми Чен Рулин, експерт за истражување на минерали во Геолошкиот завод на покраината Хунан.
Ако се претпостави дека просечната густина на златната руда е околу 2,7 грама на кубен сантиметар (секако, во зависност од видот на карпата), еден тон руда би можел да се смести во коцка чии страни би биле долги околу 72 сантиметри. Таа количина дава приближно 138 грама злато. Ако тоа злато се обликуваше во коцка, би имало страни долги малку помалку од 2 сантиметри.
Ако податоците се потврдат, новото наоѓалиште ќе стане најголемиот рудник за злато во светот – поголем од рудникот Саут Дип во Јужна Африка, за кој се проценува дека има 1.025 тони злато, според Мајнинг Технолоџи.
Кина, која веќе е најголемиот производител на злато во светот, е одговорна за околу 10 проценти од глобалното производство, но исто така троши многу – три пати повеќе отколку што ископува годишно – што ја прави најголем увозник на злато во светот.
Кинеските експерти исто така тврдат дека новооткриеното наоѓалиште, доколку бројките се потврдат, би било најголемото познато наоѓалиште на кој било скапоцен метал – не само златна руда. Но, исто така е можно конечните бројки да бидат уште повисоки. Според Лиу Јонгџун, заменик-директор на Геолошкиот завод, дополнителни резерви на златна руда се пронајдени за време на дупчењето во периферните делови на областа.