Проблемот што Македонија нема да може да ги собира средствата од овој данок лежи во законот за климатска акција, кој се чека повеќе од четири години.

Македонија не е подготвена за данокот на јаглерод, кој ќе се воведе од 1 јануари идната година и кој, наместо во домашниот, ќе заврши во буџетот на ЕУ. Како што открива нов извештај објавен од CEE Bankwatch Network, механизмот на ЕУ за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод или CBAM, стапува во целосна сила од 1 јануари, но земјите од Западен Балкан не се подготвени за него и ризикуваат да спроведат неправедна енергетска транзиција.

Данокот ги таргетира увозниците од ЕУ на одредени стоки како електрична енергија, железо и челик, цемент, ѓубрива, алуминиум и водород, кои ќе треба да платат за емисиите на јаглерод диоксид поврзани со производството на тие стоки во земјата извозник. Тоа ќе го направи увозот во ЕУ од земји со високо ниво на употреба на јаглен, нафта и гас, како што е Македонија, многу поскап отколку што беше досега.
Увозниците на електрична енергија од Западен Балкан кои се од ЕУ, како Италија, Хрватска, Унгарија, Романија, Бугарија и Грција, ќе мора да најдат други добавувачи или ќе се соочат со високи трошоци за CBAM. Увозот на електрична енергија во ЕУ веројатно ќе се намали преку ноќ, намалувајќи ги приходите за компаниите за електрична енергија во Западен Балкан.

Проблемот што Македонија нема да може да ги собира средствата од овој данок лежи во законот за климатска акција, кој се чека повеќе од четири години.

„Македонија има изработено закон за климатска акција од 2021 година кој во себе содржи механизам за надоместок на јаглерод. Средствата собрани од овој надоместок треба да одат во фонд за праведна транзиција кој ќе обезбеди финансии за трансформација на регионите зависни од јаглен – Битола и Кичево. Но, законот се уште не е усвоен. Потребно е итно донесување на овој закон кој ќе ја забрза енергетската трансформација и ќе ги обезбеди потребните финансиски средства за регионите зависни од јаглен“, вели Елена Николовска од Еко-свест.
Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија нема да плаќаат CBAM такси, но ќе бидат погодени од падот на приходите од извозот на електрична енергија. Околу 57 проценти од електричната енергија што ја увезува ЕУ од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија е базирана на јаглен. Приходот од CBAM ќе оди во буџетот на ЕУ, а доколку извозот на електрична енергија продолжи како досега, годишниот приход на ЕУ само од нив би можел да достигне речиси 965 милиони евра.

Доколку беа подготвени, земјите од Западен Балкан би можеле да го ублажат влијанието на CBAM и да соберат до 4,2 милијарди евра годишно за финансирање на одржлива енергетска транзиција и поддршка на регионите зависни од јаглен. Во сегашниот случај тие ќе дозволат ЕУ да генерира приход од нивниот извоз на електрична енергија, наместо тие да соберат средства праведна енергетска транзиција.
„Само два месеци до целосно стапување во сила на CBAM, сè уште слушаме желби од владите и комуналните претпријатија кои се надеваат на одложувања и исклучоци. Но, нема да има одложување и ниту една од земјите не е ни блиску до добивање на исклучоците од електроенергетскиот сектор дозволени според Регулативата CBAM. Треба да престанат да сонуваат и да почнат да се подготвуваат“, велат од CEE Bankwatch Network.