Се “стопи“ профитот на банкарскиот сектор во државата, но и натаму бизнисот останува стабилен, со подобрена солвентност и добра ликвидност. Првото економско полугодие од годинава за вкупниот банкарски сектор донесе намалување на добивката – пред сè поради пораст на оперативните трошоци за дури 10,7%  во однос на првото полугодие од лани.

„Добивката остварена во првите шест месеци од 2025 година е помала за 3,2% во споредба со истиот период од претходната година. Растот на оперативните трошоци (10,7%) имаше најголем придонес во намалувањето на добивката, заедно со малиот пад на нето каматните приходи (0,4%), како најзначајна приходна категорија на банките“ – се наведува во новиот полугодишен извештај „Ризиците на банкарскиот сектор“ што го објави НБ.

Анализата покажала дека кредитното портфолио на банките го задржало квалитетот, но се нотира пораст на нефункционалните кредити на приватниот односно нефинансискиот сектор. Иако е забележан тренд на пораст на нефункционалното портфолио на домаќинствата по основ на потрошувачки кредити, тоа не предизвикало влошување на  вкупните нефункционални кредити.

„Нефункционалните кредити на нефинансиските субјекти малку се зголемија, но тоа немаше влијание врз стапката на нефункционални кредити, којашто, при висок кредитен раст, се намали до историски најниското ниво од 2,4%. Кварталниот раст на нефункционалните кредити на нефинансиските субјекти произлегува од зголемувањето на нефункционалните потрошувачки кредити, што при висок раст на вкупните кредити на домаќинствата, не предизвика влошување на стапката на нефункционални кредити, којашто остана иста (2,4%). Нефункционалните кредити на претпријатијата се намалија, со што стапката на нефункционални кредити се спушти до нов историски минимум од 2,5%“ – соопштува НБМ.

За три месеци износот на нефункционални кредити се зголемил за 2,58 милиони евра, а стапката на удел на вкупното нефунционално портфолио на пресекот од првото полугодие изнесувала 2,5%. Иако порастот на нефункционалните кредити е  регистриран во секторот “домаќинства“ анализирано од аспект на уделот, доминанти остануваат нефункционалните кредити на компаниите.

„Најголема концентрација на нефункционални кредити кај нефинансиските друштва има кај кредитите за тековно работење на претпријатијата (други кредити и кредити за обртни средства) или околу половина од нефункционалното корпоративно кредитно портфолио се однесува на „други кредити“  – се наведува во извештајот.