Приватниот сектор може бесплатно да се поврзе на државниот „автопат за податоци“, истакна министерот Андоновски пред почетокот на регионалната конференција за е-трговија во Скопје

Покажуваме дека со Дигиталниот самит  на Западен Балкан 2025 пред еден месец и со оваа регионална конференција Скопје го поставуваме на мапата на градови во регионот на кој се дискутираат најважните теми за дигитализацијата на процесите во јавната администрација, во приватниот сектор и како да поттикнеме иновации во секоја од овие сфери, изјави денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски пред почетокот на осмата регионална конференција за е-трговија,  во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

Андоновски посочи дека вторпат присуствува на отворањето на една регионална иницијатива која, како што рече, ја таргетира електронската трговија, развојот и новите предизвици во електронската трговија.

– Ако минатата година зборувавме што се плановите и идеите на тогаш новата Влада, сега можеме да зборуваме за резултати. Ќе се задржам на два аспекта со кои го поддржуваме бизнис секторот и ја поддржуваме трговијата во електронска смисла. Едно е Платформата за интероперабилност. Повеќе од 76 инститиции и приватни компании веќе се „закачени“ на истата. Вчера го добив податокот за изминатиот месец и имаме над 2,6 милиони трансакции за претходниот месец што претставува раст од 260 проценти споредено со минатата година. За разлика од порано, првпат се вклучени повеќе од 10 компании на Платформата за интероперабилност што значи полесна, побрза и бесплатна размена на податоци помеѓу нив и помеѓу нив и државните институции. Претежно тука би го спомнал банкарскиот сектор и „финтек“ друштава, кои предничат во овој аспект, а сега на ред ни се и осигурителните компании, што покажува дека има интерес од приватниот сектор за приклучување и за размена на податоци, подвлече министерот Андоновски.

Ова, како што додаде, е еден аспект кој се уште го нудиме на приватниот сектор, а ќе продолжиме да го нудиме и во следниот период на бесплатен начин да се поврзат на државниот автопат за податоци на кој ќе ги добиваат податоците од оние на кои им се потребни.

– За вториот аспект, важно е да се напомене, дека со поддршка од повеќе од милион евра, Владата го поддржа првиот европски дигитален иновациски хаб кој претставува собир, колаж на приватниот сектор, академијата, стопанските комори и државата, а кој нуди услуги за тестирања, лаборатории, дигитална трансформација на малите и средните претпријатија, обуки за употреба на вештачка интелигенција, планови, како таа треба да се употребува во приватниот сектор, рече министерот Андоновски.

Тој апелираше што повеќе компании да аплицираат и да ги погледнат услугите кои ги нуди европскиот дигитален иновациски хаб и да ги искористат бесплатните обуки и можности за приватниот сектор и да постигнеме развој.

– Да продолжиме Скопје да го поставуваме на мапата на регионалниот развој, порача Андоновски.

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ) Нина Ангеловска Станков пред почетокот на осмата регионална конференција за е-трговија изјави дека годинава имаат над 850 регистрирани учесници, од кои над 20 отсто се од Балканот.

Темата оваа година е „Fasten The Future“. Во фокусот на агендата, како што рече, ни е вештачката интелигенција, која дефинитивно е двигател на е-трговијата и е-трговијата ја храни со податоци вештачката интелигенција.

– Имаме 25 говорници, кои доаѓаат од над 10 земји. Имаме говорници од познати глобални компании, рече Ангеловска Станков.