Еврокомесарката за проширување Марта Кос го престави прогресот на земјите  кандидати за членство во Европскиот парламент, при што Македонија ја стави во втората група на земји – кои не прават доволно за да одат напред. Конкретно за Македонија таа само повтори дека не презела одлучувачки чекори за да ги спроведе уставните измени  и да ги продолжи преговорите за членство, истакнувајќи паралелно дека работи технички на Реформската агенда и дека е стопроцентно усогласена со надворешната политика на Унијата.

Групирајќи ги земјите, во тие што направиле значаен прогрес ги наброја Црна Гора, Албанија, Молдавија и Унгарија , при што за Албанија оцени дека напредувала без преседан за краток рок, додека Молдавија направила најголем прогрес за една година – и покрај постојаниот притисок од хибридните закани, најавувајќи дека ќе бара отворање на кластерите во ноември.

Во втората група со Македонија таа ги спомна Србија и БиХ при што соопшти дека речиси сите земји кандидати се усогласени сто отсто со надворешната политика на ЕУ, Украина 99 отсто, а Србија само 62 отсто. Практично оценката за Србија беше дека има значајно назадување иако декларативно тврди и натаму дека ЕУ и е стратегиска цел.

Во последната група таа ги спомена Турција, за која рече дека има постојана ерозија на демократските стандарди и Грузија, за која за првпат е употребен нов термин и воспоставен нов статус – „земја кандидат само по име“, поради сериозното демократско назадување, како што рече Кос, невидено досега кај земја кандидат за членство во ЕУ.

Она што е интересно е дека Кос најави дека наскоро Европската комисија ќе објави нов извештај за стратегијата за проширување  најавувајќи реформи во самата ЕУ што ќе го направат проширувањето реално. Таа исто така најави дека ЕУ ќе воведе дополнителни гаранции во договорите за пристапување со земјите членки кои ќе гарантираат дека тие што ќе влезат во Унијата нема да назадуваат потоа и да не ги исполнуваат обврските што ги презеле во процесот за проширување, односно да нема простор за „нови Орбани“. Таа најави исто така дека следната година ќе објави три стратегии во кои ќе бидат вклучени и земјите кандидати – за демократија, за поголемо вклучување на граѓанското општество и за отпорност на медиумите на дезинформации.