Над 50 милијарди американски долари (околу 45 милијарди евра) приход од туризам се остварени за овие девет месеци од годинава, што е зголемување за 5,7 отсто, во овој значаен економски сектор во земјата. Покрај растот на приходите, Турција во овие девет месеци бележи и раст од 1,6 отсто на бројот на странските туристи кои ја посетиле земјата – односно 50 милиони странски посетители.
Според податоците на специјализираната агенција на Обединетите нации којашто се занимава со развој, промоција и одржливост на туризмот во цел свет, Турција во 2024 година била четвртиот најголем туристички пазар во светот. Странските туристи од почетокот на годината во Турција престојувале по 10,3 ноќи во просек, и трошеле по 90 евра по лице за една ноќ, што во споредба со истиот период од претходната година е зголемување за 7 отсто.
Министерот за култура и туризам на Република Турција, Мехмет Нури Ерсој нагласи дека наводите недвосмислено говорат за значителен раст и на бројот на посетители и на остварените приходи, и покрај бројните искушенија со коишто се соочуваше туризмот во оваа медитеранска дестинација.
– Првите девет месеци од 2025 година беа исполнети со значителни предизвици за нашето поднебје. Ги почувствувавме ефектите од регионалните конфликти, како и сезонските промени предизвикани од глобалното затоплување. Сепак, благодарение на нашата стратегија, успеавме да ги надминеме приходите за минатата година за 5,7 отсто и да постигнеме извонредни 50 милијарди американски долари. Ова е првпат во третото тримесечје да го надминеме прагот од 50 милијарди долари. Очекуваме до крајот на годината да ја достигнеме целта од 64 милијарди долари приход, нагласи министерот Ерсој.
Русите и натаму остануваат најзастапени гости на турската ривиера, како и на бројните археолошки наоѓалишта во земјата. Во првите три квартали, Турција била посетена од 5,33 милиони гости од Руската Федерација, а веднаш на второто место, повторно е Германија – со 5,22 милиони посетители. Третиот најголем пазар, пак, продолжува да биде Обединетото Кралство, од каде што во Турција допатувале 3,54 милиони туристи во првите девет месеци од оваа година.