Европа би можела да се соочи со проблеми со снабдувањето со гориво и губење на работни места доколку регулаторите не го одобрат договорот на групацијата „Гунвор“ за преземање на меѓународните средства на „Лукоил“ за околу 22 милијарди долари, изјави извршниот директор и мнозински сопственик на „Гунвор“, Торбјорн Торнквист.
Според планот, шведската групација „Гунвор“ со седиште во Женева треба да ги преземе средствата на „Лукоил“ во Србија, Бугарија и Романија, мрежите на бензински пумпи во Европа и САД, како и нафтените и гасните полиња на Блискиот Исток и Централна Азија и Африка.

Имплементацијата на овој договор зависи од одобрувањето на американските, британските и швајцарските институции, а времето е ограничено бидејќи новите американски санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“ стапуваат во сила на 21 ноември.

Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Торнквист предупреди дека е клучно да се продолжат лиценците за работа за „Лукоил“, бидејќи во спротивно „капацитетот на рафинериите би можел сериозно да се наруши“.

Рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас обезбедува повеќе од две третини од горивото во Бугарија, додека „Петротел“ во Романија покрива околу една третина од преработката таму. Според него, секое прекинување на работата директно би влијаело на регионалната енергетска стабилност.

Во исто време, шведскиот милијардер Торнквист ги отфрли шпекулациите дека „Гунвор“ всушност го презема имотот само привремено, за еден ден „Лукоил“ да го врати, нагласувајќи дека властите ќе бараат „целосно прекинување на сопственичките врски“ со руската компанија.

Историските врски на „Гунвор“ со Русија дополнително ја комплицираат оваа трансакција. Еден од коосновачите на групата е сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, Генадиј Тимченко, кој го продаде својот удел на Торнквист по санкциите во 2014 година.

„Гунвор“ постепено се повлекува од повеќето руски проекти, но сè уште постои ризик за репутацијата, додаде „Фајненшл тајмс“.

Соединетите Американски Држави минатиот месец ги ставија „Лукоил“ и „Роснефт“ на списокот на санкционирани субјекти како дел од напорите за намалување на руските приходи за време на војната во Украина.

Затоа, за да се заврши трансакцијата е потребно одобрение од Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД.