Предвидувањата на Народната Банка за раст на инфлацијата во земјава од 3%  на 3,9 отсто не го загрижува премиерот Христијан Мицкоски. Не само што тој не најави нови можни мерки за обид за зауздување на инфлаторните шокови, туку Мицкоски изјави дека очекува инфлацијата  дополнително да се зголеми до 4 проценти.

Христијан Мицкоски:

„Ние очекуваме инфлацијата овој месец октомври да биде нешто поголема бидејќи беше многу ниска минатиот октомври поради мерките кои тогаш ги превземавме, значи базата е ниска. Годишната очекувам да се движи од 3,5 до 4 проценти оваа 2025 година, а следната очекувам да биде од два  до три проценти.“

Со ребалансираниот буџет на државата во јуни годинава  владата донесе проекција на инфлацијата од 2,8 отсто. Тоа значи дека не само гувернерот Трајко Славески туку и лично премиерот Мицкоски очекува негативни влијанија врз стандардот на граѓаните заклучно крајот на оваа календарска 2025 година. И покрај неколкуте апели од синдикатите и секојдневните анкети кои ги објавуваат медиумите главно со барања на граѓаните за подобрување на куповната моќ, тоа не се случи.

Последната објава на ССМ за минималната кошничка покажа дека за еден месец живеачката поскапела за 500 денари, односно за набавка на основните животни потреби на едно четири члено семејство му биле потребни 65 500 денари. Најмногу пари се поребни за набавка на храна  23 770.