Акционерите на Тесла го одобрија рекордниот пакет плати на Елон Маск, кој, доколку ги исполни сите цели, би можел да достигне речиси трилион долари.
Тоа е најголемиот менаџерски бонус во историјата на корпоративниот свет, кој беше поддржан од дури 75 проценти од гласовите на присутните акционери на годишниот состанок на компанијата во Тексас. Одлуката беше проследена со стоечки овации, а Маск славеше на сцената, со музика и публиката која го скандираше неговото име.

„Она што го започнуваме не е само ново поглавје, туку цела нова книга за иднината на Тесла“, рече Маск. „Другите акционерски собранија се приспивни песни, а нашите се спектакл.“

Надоместокот на Маск нема да биде стандардна плата. Наместо тоа, целиот износ е поврзан со исполнување на многу амбициозни цели – зголемување на пазарната капитализација на Тесла од 1,4 на 8,5 милијарди долари, воведување на милион роботакси во комерцијална работа и постигнување на низа технолошки и финансиски пресвртници.

Ако тоа се случи, Маск би добил 423,7 милиони нови акции на Тесла, во вредност од речиси трилион долари. Менаџментот на компанијата ја бранеше одлуката, истакнувајќи дека, без таков поттик, Маск би можел да ја напушти Тесла, што, како што тврдат, „компанијата не може да си го дозволи“.

На разочарување на некои аналитичари, во својот говор Маск го нагласи хуманоидниот робот Оптимус, а не обновувањето на продажбата на електрични возила. „Погледнете каде е неговиот фокус“, напиша Џин Манстер од Дипвотер Асет Менаџмент на X. Неговата „нова книга“ започнува со Оптимус. Ни збор за автомобили, FSD или роботакси“.

Подоцнa Маск се осврна на автономниот систем за возење FSD (Full Self-Driving) на Тесла и тврдеше дека компанијата е „скоро подготвена“ да им овозможи на возачите „буквално да испраќаат пораки додека автомобилот сам вози“. Американските регулатори сè уште ја истражуваат технологијата по серија инциденти во кои возилата на Тесла поминале низ црвено светло или завршиле во погрешна лента, во некои случаи со повреди, пишува Би-Би-Си.