Стратешкиот дијалог со САД како можност за амортизација на притисокот од Брисел

  • Во рамките на идниот македонско-американски стратешки дијалог треба да се загатне и соработката во делот на истражувањата на ретки минерали и во Македонија. САД пред неколку децении веќе направија неколку истражувања во рудникот „Алшар“ за да ги утврдат количествата на лорандитот, редок минерал што го нема никаде во светот, а сега би можела да се отвори и литиумска перспектива. И за тоа повеќе од потребна би била американска експертиза

Новите геостратешки поместувања во светот во најголем дел се поврзани со пристапот до ретки минерали, кои се неопходни за идниот технолошки и економски развој на државите, што од друга страна ги прави оние што ги поседуваат тие минерални богатства релевантни и им овозможува и тие да ги артикулираат сопствените национални интереси во рамките на тектонските поместувања на светскиот поредок.
Ова за Македонија е особено важно како добра можност државата да напредува и да си поставува нови цели во услови кога Европа упорно ја опструира во евроинтегративниот процес, наметнувајќи билатерални услови на сметка на претходно утврдени критериуми.
Во таа насока, интензивирањето на стратешкиот дијалог со САД може да биде од огромна полза за државата бидејќи ќе инјектира нова енергија во македонското општество, кое е уморно и фрустрирано од европските непринципиелни политики.

Откриен литиум на југот на Србија, има геолошки индиции дека резервите се длабоко разгранети и во Македонија

Иако повеќето аналитичари се на ставот дека САД повеќе не се заинтересирани за Балканот, во суштина оваа теза и не е точна, туку напротив, Американците никогаш ништо не оставаат без целосна контрола, туку сега фокусот им е насочен кон ретките минерали и таму ги насочуваат активностите. Со други зборови, ако интересните минерали ги има на Балканот, тие ќе бидат тука. Тоа е доктрината на актуелната американска политика, која се обидува да обезбеди диверзификација на изворите на ретки минерали, за да не се доведат во ситуација да бидат уценувани од некоја страна, а што е уште пострашно за нив, да заостануваат во технолошкиот развој пред другите велесили.

Во тој контекст во рамките на идниот македонско-американски стратешки дијалог треба да се загатне и соработката во делот на истражувањата на ретки минерали и во Македонија. САД пред неколку децении веќе направија неколку истражувања во рудникот „Алшар“ за да ги утврдат количествата на лорандитот, редок минерал што го нема никаде во светот, а сега би можела да се отвори и литиумска перспектива.
Изминатите години клучните активности, особено на големите земји, се насочени во потрага по литиум, важен минерал за производството на батерии и воопшто за идниот технолошки развој на планетата. Затоа и Американците нема да останат рамнодушни кон секоја држава што го поседува. Досегашните искуства покажаа дека новата американска политика е исклучиво ориентирана кон договори, односно сака „да биде прва услужена“, па од тие причини треба и македонските власти да размислуваат во таква насока, да отвораат и да загатнуваат потенцијални нови полиња на соработка преку кои дополнително би можеле да се зацврстат македонско-американските односи.

Имено, последните денови речиси незабележано помина веста дека при гринфилд-истражувања бил откриен литиум на крајниот југ на Србија, во општините Бујановац, Врање, Трговиште и Босилеград, населени места што се граничат со Македонија. Малото село Клиновац, во општина Бујановац, најверојатно лежи на богатство, а се наоѓа на само осум километри од македонската граница. Литиум во поголеми концентрации е потврден и во селата Кленике (6 км), Спанчевац (4,4 км од границата), како и на низа други локации (вкупно 28 на број), сè до градот Трговиште.
– Со оглед на тоа што станува збор за релативно широко подрачје, постои голема веројатност истите геолошки формации да навлегуваат и на македонска територија, особено во атарите на селата Пелинце и Враготурце кај Куманово, како и на планината Козјак. Овие локации се најизгледни кандидати за нови наоѓалишта. Македонската влада веќе покажа интерес за експлоатација на стратешки минерали важни за зелената транзиција, каде што литиумот зазема особено место поради неговата улога во батериите за складирање енергија од сончеви и ветерни централи – вели професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола.

Според него, ако сето ова се потврди, тоа ќе биде шанса за развој на целиот крај и шанса за државата на сеопшт план.
– Ако процесот биде добро осмислен и се преземат сите мерки за безбедно управување со рударскиот отпад, особено со сулфатните соли, нуспроизводи од неутрализацијата на сулфурната киселина од процесот на пржење на литиумскиот концентрат, тогаш постои реална шанса овие пасивни краишта да излезат од вековна сиромаштија. Рударството и поврзаната индустрија би отвориле нови работни места, а државата би добила ресурс со висока пазарна вредност. Се разбира, сето тоа зависи од суштинското прашање: дали навистина ќе се потврдат резерви на литиумова руда на територијата на Македонија – заклучува професорот Трајковски.

Поставување нови развојни цели за иницирање нова општествена енергија

Она што е клучно за Македонија како држава, особено во време кога се соочува со непринципиелни блокади, е да си поставува цели што може да ги оствари и што зависат исклучиво од неа.
По непринципиелното грчко вето за македонското членство во НАТО во 2008 година во Букурешт, САД иницираа потпишување Договор за стратешко партнерство со Македонија, што на некој начин ја неутрализираше апатијата во македонското општество по неуспехот на државата да стане дел од Алијансата, иако ги исполни сите услови.

Така и сега, во време кога и самата Европа талка низ геостратешките лавиринти без јасна визија каде оди, Македонија треба да има јасна водилка кон што се стреми и што сака да постигне. Клучно е да се заштитат националните интереси, суверенитетот, како и да се постигне општествена благосостојба.
Имајќи го предвид фактот дека Македонија со САД веќе има формалноправна рамка на соработка, во тој контекст во рамките на идниот стратешки дијалог треба да се побара соработка и во делот на истражувањата на ретките минерали на македонско тло. Индициите дека резервите на литиум од јужна Србија би можеле да се прелеваат и на македонска територија може да се потврдат така што ќе се побара од Американците да испратат свој експертски тим, кој заедно со македонските геолози и инженери ќе ги направи потребните геомеханички испитувања. Доколку се потврди присуството на литиум, не е исклучено оваа соработка да се мултиплицира така што ќе се формираат заеднички истражувачки центри, ќе дојдат американски експерти, наедно ќе се вработат македонски граѓани и сиот овој процес ќе генерира и повисоки плати и развој на регионот. Се разбира, сето ова би било под контрола на македонската држава, базирано на стратешка соработка врз принципиелна основа, од што бенефиции би имале обете страни. Од друга страна, Македонија добива силен сојузник, кој бранејќи ги сопствените интереси, ќе ги брани и македонските, принцип врз кој секогаш функционирал светот.

Од клучна важност е македонската дипломатија едноставно да биде отворена за повеќе опции, дури и да нафрла идеи што можеби во овој момент се во фаза на индиции, но Американците нема да сакаат да ризикуваат да ја пропуштат шансата ако тие индиции на крајот се потврдат. Поентата е да се покаже дека Македонија како држава има потенцијал, дури и во делот на ретките минерали, а потврда за тоа е исклучителноста на лорандитот, минерал што го нема никаде во светот и кој може да биде клучот за добивањето бесконечна енергија. Таква заедничка соработка неодамна склучи Грција со „ЕксонМобил“, повторно врз база на индиции, односно ќе се дупчи во Јонско Море за да се потврдат евентуалните големи резерви на природен гас. Со други зборови, приказната е идентична околу можните резерви на литиум, кои би можело да ги има и во Македонија, но сега е важно да се покаже проактивност со цел за ова сериозно да се заинтригира и стратешкиот партнер.