Бугарскиот парламент во петокот усвои закон со кој државата добива можност да преземе директна контрола врз рафинеријата на руската компанија „Лукоил“ во Бургас, најголемата нафтена рафинерија на Балканот.

Со измените, владата ќе може да назначи државен специјален администратор кој ќе управува со работењето на компанијата доколку се оцени дека постои ризик по националната или енергетската безбедност на земјата. Оваа мерка доаѓа поради новите санкции што ги воведоа САД против „Лукоил“ и нејзините поврзани компании, што предизвика загриженост во Софија за стабилноста на снабдувањето со гориво.

Според бугарската влада, законот не претставува национализација, туку заштитна мерка што ќе се активира само ако работењето на рафинеријата биде загрозено. Во таков случај, администраторот ќе има право да гласа во името на акционерите, да управува со средствата и, доколку е потребно, да предложи продажба или преструктурирање на делови од компанијата.

Рафинеријата на „Лукоил Нефтохим Бургас“ обезбедува најголем дел од горивата за бугарскиот пазар и има значајна улога во извозот кон соседните земји. Од Софија нагласуваат дека стабилното работење на овој капацитет е од „стратешко значење“ за земјата, особено во контекст на тековната енергетска криза и руските санкции.

Со овој потег, Бугарија се приклучува на серијата европски земји кои преземаат зголемена контрола врз критичната енергетска инфраструктура поврзана со Русија, со цел да ја намалат зависноста и да ја зајакнат енергетската безбедност.