Оваа суспензија опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици
ИПАРД 3 програмата, инструментот на ЕУ за претпристапна помош за рурален развој е суспендирана на неопределно време, изјави денес на прес-конференција пратеникот на СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски.
„Во петокот околу 16 часот, од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање на плаќања, е донесена и дистрибуирана до македонските власти одлука за суспендирање на ИПАРД 3 програмата, односно одлука за суспендирање на плаќањата во ИПАРД 3“, изјави Николовски.
Тој посочи дека одлуката стапила на сила веднаш, на неопределено време, се до исполнување на одредени услови и акциски планови. Оваа суспензија опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици.
Причината, како што додаде Николовски. е скандалот со барање и примање на мито од страна на директорот на платежната агенција и уште четири други лица, вклучувајќи и блиска соработничка на министерот од Министерството за земјоделство.
„Тоа е директна последица на овој голем корупциски скандал и тотален колапс на системот што беше граден седум години заедно со Европската комисија и со многу наши професионалци“, рече Николовски, додавајќи дека седум години немао дамка на овој систем, односно во периодот на ИПАРД 2, кој се реализираше од 2017 до 2024 година, немало никаков проблем од ваков тип. Во тој период биле склучени и реализирани рекордни 2.400 договори, повеќе од Србија, Црна Гора и Албанија заедно, со сите контроли коишто се направени на терен.
„Ова се случува, за жал, само во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2011 година, во ИПАРД 1, за жал останавме со 12% искористеност на европските средства и денеска, во 2025 година, во ИПАРД 3, повторно во време на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николовски.
За оваа одлука, според негови информации, била известена Владата, вицепремиерот за европски прашања, министерката за финансии и министерот за земјоделство.
Николовски праша зошто Владата ја криела оваа одлука од јавноста викендот и дали власта со премолчувањето на оваа одлука се обидува да ги заштити вмешаните во овој корупциски скандал?
„Министерот Трипуновски, наместо веднаш да преземе одговорност, или свесно ја крие ова информација од јавноста, или пак уште полошо, е неинформиран, што покажува неспособност и неупатеност во основните процеси во сопствениот ресор“, рече Николовски.
Тој вели дека како човек кој седум години работел на воспоставување на овој професионален систем, што денеска е суспендиран, бил длабоко погоден.
„Не станува збор само за бројки, туку за илјадници семејства, млади земјоделци, агробизнисмени, за земјоделци коишто имаат склучено договори, коишто чекаат исплати, коишто чекаат да аплицираат на веќе најавените повици и ги спремаат своите проекти и прават трошоци. И сите тие се наоѓаат во една неизвесност за иднината на тековните и идните вложувања. Ова е тежок удар врз целиот земјоделски сектор, врз економијата, но и врз европската перспектива на државата“, рече Николовски.
Како што посочи, штетите за државата од овој голем скандал може да бидат големи.
„Како претседател на Комисијата за земјоделство во Собранието, уште денеска официјално побарав детален извештај од Владата, Министерството и Платежната агенција. Тоа го барам писмено за причините за оваа суспензија, по што ќе иницираме итна тематска седница на Комисијата за да бидат преземени привремени мерки за заштита на земјоделците чијшто проекти се во тек, за да не се загубат веќе направените вложувања“, рече Николовски.
Тој додаде дека ќе предложи измени во законската рамка при изборот на директор на агенцијата, но и за јакнење на независноста и контролните механизми на агенцијата со јасна одговорност за секоја злоупотреба, како и формирање на работна група со претставници од сите парламентарни партии и групи, но и со стручната и професионална јавност која беше секојдневно вклучена во реализацијата на ИПАРД 2, со цел подготовка на предлози за ревитализација на системот и помош за креирање на акциски план и обновување на довербата со Европската унија, час поскоро и враќање на можноста за аплицирање на повиците и склучување на договори од ИПАРД 3.
„Оваа суспензија е срам за државата, но и потсетник дека мора итно да ги заштитиме европските вредности, институционалната одговорност, чесноста и професионалноста во работењето. Јас лично ќе бидам првиот кој ќе иницира конкретни мерки и ќе бара одговорност од сите што ја доведоа државата во ваква состојба по вторпат во овие 15 години“, рече Николовски.