Во извештајот на Европската комисија беше потенцирана потребата од посистемски пристап и континуирани инвестиции во човечкиот капитал и иновациите, како клучни елементи за приближување на Македонија кон европските стандарди.
Буџетот за наука пред две години беше 380 милиони денари, годинава – 680 милиони денари, а за следната година тој ќе изнесува 773 милиони денари, информираат во Министерството за образование и наука (МОН). Со овие пари предвидено е да се финансираат научно–истражувачки проекти, да се развиваат лабораториските ресурси, а дел од нив ќе се трошат и за објавување научни трудови во списанија со импакт фактор, за доделување стипендии за млади научници.
„Посебно радува зголемениот интерес кај младите да се занимаваат со наука и иновации, што се огледува преку искористување на мерките кои МОН ги става на располагање, така што, заедно со другите надлежни владини институции продолжуваме да ги поддржуваме во реализација на личните амбиции. Развојни политики добиваат континуитет, затоа што секој влог во науката се исплати и на средства и труд во овој сегмент, не треба да се штеди“, наведено е во соопштението од МОН.
Пред неколку дена, во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, во делот кој се однесува на науката и истражувањето, беше оценето дека земјата има добро ниво на подготвеност и дека е постигнат значителен напредок. Посебно се издвојува спроведувањето на мерките од Акцискиот план 2024–2025 во рамките на Стратегијата за паметна специјализација 2024–2027, како и зголеменото учество на Македонија во програмите Horizon Europe и COST.
„Создаден е Европскиот дигитален иновациски хаб (EDIH), а државата го зголеми буџетското финансирање за науката. Комисијата сепак укажува дека и тука препораките од минатата година се само делумно спроведени. Во наредниот период, Македонија треба да го зголеми вложувањето во наука и истражување, во согласност со приоритетите на Европското истражувачко подрачје, да продолжи да го поттикнува учеството во програмата Horizon Europe, и да обезбеди поддршка за компаниите преку Европскиот дигитален иновациски хаб“, се наведува во извештајот. Во документот се потенцира потребата од посистемски пристап и континуирани инвестиции во човечкиот капитал и иновациите, како клучни елементи за приближување на Северна Македонија кон европските стандарди“, наведено е во извештајот.