„Поврзување на Швајцарија и Северна Македонија: Деловен раст и партнерства“ е темата на бизнис форумот што ќе се одржи денес во Стопанската комора на Северна Македонија.

Целта на овој настан е да го стимулира деловното работење, инвестициите и градењето нови партнерства помеѓу швајцарските и македонските компании, преку споделување искуства, идеи и визии за иднината на двете економии.

Воведни обраќања ќе имаат Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Кристоф Зомер, амбасадор на Швајцарија во Северна Македонија и Оливер Бертшингер, претседател и извршен директор на Стопанската комора на Швајцарија и Средна Европа – СЕЦ.

Во рамките на форумот ќе се разговара за пазарните перспективи и можности за влез на швајцарскиот пазар, правните аспекти и трговските договори меѓу двете држави, како и за потенцијалот за нови вложувања, технолошка соработка и извозни иницијативи.

Како што е наведено во соопштението за настанот, на панел-дискусијата за потенцијалот за бизнис, трговија и инвестиции меѓу Северна Македонија и Швајцарија ќе учествуваат д-р Андреј Вчковски, основач и поранешен главен извршен директор на Netcetera и член на Одборот на директори на Switzerland Global Enterprise, Димитар Цветковски, претседател на Одборот на директори на Макстил АД и Дуферко СА, Игор Тодорчевски, генерален директор на Alkaloidpharm Corp. (Швајцарија) и Даниел Матракоски, експерт за меѓународна соработка во СКСМ.

Овој собир е заеднички организиран од Стопанската комора на Северна Македонија и Стопанската комора на Швајцарија и Средна Европа (СЕЦ), со поддршка од Амбасадата на Швајцарија во Скопје.