На прашањето дали ЕУ ги блокира средствата од ИПАРД, премиерот вели дека не се блокирани туку напротив, како што рече, акцијата која се презема во моментов е поздравена како позитивна од страна на Европската комисија
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека на негово барање Министерството за финансии ја донело одлуката за стопирање на исплатата на средствата од ИПА/ИПАРД-инструментот на Европската Унија. Причината, како што рече, е да се истражат сите злоупотреби кои се случувале не само сега туку и претходно.
„Да, јас тоа го побарав затоа што мораме да видиме до каде одат злоупотребите, затоа што првичните информации велат дека не е тоа само од сега туку, дека и наназад е правено. Така што, сè ќе истражиме и секој што мисли дека така ќе помине се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен, кој сака нека е“,
изјави Мицкоски по денешната посета на фабриката КОСТАЛ Македонија во ТИРЗ Охрид.
На прашањето дали ЕУ ги блокира средствата од ИПАРД, премиерот вели дека не се блокирани туку напротив, како што рече, акцијата која се презема во моментов е поздравена како позитивна од страна на Европската комисија.
Министерството за финансии вчера објави дека донело одлука за времен прекин на исплатите на средствата од ИПАРД-програмата. Додаваат дека за временото стопирање на исплатите уште истиот ден била известена Европската комисија, чиј повратен одговор бил дека ја поздравуваат одлуката.
Одлуката на Министерството за финансии за времено стопирање на исплатите на средствата од ИПАРД-програмата следува откако минатата недела беа уапсени актуелниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој и уште четири лица поради сомнеж за давање и примање поткуп.