Се формализираше соработката меѓу Македонија и Европската инвестициона банка. По децении присуство во државава и инвестирано 1,6 милијарди евра во македонската економија и општество, денеска беше потпишан договор со кој оваа банкарска институција на Европската унија, доби седиште во државава. Договорот го потпиша премиерот Христијан Мицкоски со потпретседателот на Банката, Роберт Де Грот. Од ЕИБ најавија интензивирање на соработката во неколку сектори, односно кредитирање на проекти.
„Сакам посебно да го истакнам нашиот интерес, на пример, за пречистување на отпадните води во главниот град Скопје. А преку нашето партнерство со Развојната банка, обезбедивме 650 милиони евра финансиска поддршка за малите и средните претпријатија, особено за македонските компании. Нашите техничари во Банката нудат помош и поддршка за креирање нови проекти и за пренос на знаење во зелениот, финансискиот и корпоративниот сектор.“, вели Роберт Де Грот.
Задоволен од отворањето на претставништвото беше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Кредити ќе има за повеќе сектори како што се енергетиката, безбедноста, транзицијата кон обновливи извори, поврзување не само во државата, туку и со соседните држави, како и за сигурно снабдување со вода и санитарни услуги. Целата е со овие пари да го забрзаме нашиот пат кон Европската унија.
„Отворањето на ова претставништво ќе овозможи поблиска координација, поефикасна имплементација на проектите и уште поголем пристап до техничка и финансиска поддршка што ги нудат европските институции.“, порача Тимчо Муцунски.
Муцунски, на прес конференцијата најави и дека неговото министерство во првата половина од 2026 година ќе започне посети на региони во Африка и Азија, со цел да се даде поддршка на македонските компании да отвораат нови пазари на овие континенти.
„Дискутираме веќе и со стопанските комори да не биде тоа само политичка и економска посета од страна на влада, G2G сегмент, туку да бидеме придружени од претставници на нашата деловна заедница за да има и G2B и B2B елемент кој што е еднакво значен, ако не и позначаен за веднаш нешто конкретно да можеме да создадеме.“, вели Тимчо Муцунски.
Муцунски истакна дека многу скоро ќе се отвори амбасада во Саудиска Арабија,а исто така наскоро државата и граѓаните ќе ги почувствуваат добрите ефекти од посетата што ја имаше премиерот Мицкоски на Обединетите Арапски Емирати.