Процесот на привлекување странски инвестиции го работиме заеднички и координирано како тим со Агенцијата за странски инвестицији, Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони, Канцеларијата на претседателот на Владата и дипломатско-конзуларните претставништва, истакна денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа кој колку инвестиции донел во државата или договорил. Тој забележа дека одредени пазари со голем потенцијал биле запоставувани, на што ресорното министерство работело на отворање амбасада во Саудиска Арабија и посета на пазарите во Африка и Азија во идниот период заедно со стопанските комори.

„Видовте дека бевме признаени како една од земјите, која во предходната година имаше донесено огромен број странски инвестицији. Сите нови инвеститори кои дошле во последната година, од кои голем дел се презентирани и тука на прес-конференција заедно за претседателот на Владата, се работат координирано преку тимот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Агенцијата за странски инвестицији, Дирекцијата за технолошки и индустриски развојни зони, Канцеларијата на претседателот на Владата е секогаш вклучена. Значи, ние работиме координирано како тим“, истакна Муцунски.

Контактот со странските инвеститори и инвеститорите кои што се дојдени во последната година, како и оние што очекуваат да дојдат во следниот период, според него, бил остварен на различен начин.

„Имаме одредени ситуации каде што контактот остварен преку дипломатско-конзуларно претставништво, имаме ситуации и примери каде што тоа е направено под директен контакт на компанијата која што слушнала за потенцијалните услови. Не би можел да издвојам дека еден или друг начин бил превалентен или бил понагласен. Секогаш кога патувам на билатерални посети надвор од државата, често знам да бидам придружен од дел од економскиот тим на Владата и тука работиме прилично координирано по однос на овие прашања“, подвлече Муцунски.

Во однос на прашањето дали Владата размислува да го засили дипломатското присуство во региони каде што не е застапено, тој посочи дека идната година очекува да биде отворена амбасада во Саудиска Арабија.

Како негов приоритет во  2026 година е да посети дел од пазарите во Африка и Азија заедно со претставници од стопанските комори во државата.