Американскиот претседател, Доналд Трамп, вчеравечер го парафираше законскиот акт за финансирање, со што заврши најдолгата парализа во функционирањето на една влада во историјата на САД, кусо откако Долниот дом го изгласа предлогот, пренесе ДПА.
Потпишувањето на Трамп, кое се сметаше за формалност откако мерката беше одобрена во двата дома на Конгресот, стави крај на 43-дневниот прекин кој остави стотици илјади федерални службеници без надоместок и ги поремети јавните услуги, напомна германската агенција.
“Значи, со мојот потпис, Федералната влада сега ќе продолжи со нормалното работење, а мојата администрација и нашите партнери во Конгресот ќе продолжат со нашата работа за намалување на трошоците за живот, враќање на јавната безбедност, раст на нашата економија и Америка повторно да ја направи прифатлива”, изјави Трамп додека го потпишуваше законскиот акт.
“Ова е прекрасен ден”, додаде тој додека новинарите беа изведувани од Овалната соба веднаш по потпишувањето.
Претходно вчера, 222 пратеници на Претставничкиот дом на САД гласаа за привремениот буџет, кој треба да ја финансира владата до крајот на јануари, додека 209 беа против. Републиканците имаат тесно мнозинство во Претставничкиот дом. Речиси сите републиканци и неколку демократи гласаа за мерката, извести ДПА.
Блокадата започна на 1 октомври, поради тоа што републиканците и демократите не успеаја да се договорат за новиот федерален буџет. Без план за трошење одобрен од двата дома на Конгресот, нема проток на средства кон владините агенции. Платите за федералните работници, војската и програмите за социјална помош се финансираат преку федералниот буџет.
Републиканците на Трамп и опозициските демократи со недели наназад водеа жестока дебата околу буџетот, а таа беше насочена кон трошоците за здравствена заштита. Беа потребни неколку демократски гласови за законот да помине во Сенатот на САД, бидејќи републиканците имаат мало мнозинство таму со 53 од 100-те места во комората, а за законот беа потребни најмалку 60 гласа. Демократите со недели одбиваа да поддржат спогодба.
Сепак, во текот на викендот, неколку демократи го променија својот став, отворајќи го патот за гласањето во понеделник, кога Горниот дом ја усвои мерката. Привремениот буџет важи само до крајот на јануари. Доколку дотогаш не се донесе редовен буџет, може да има уште една блокада во февруари, потсетува ДПА.