Ѓубрето нема да се намали ако се намали времето во кое смее да се фрла. Очигледно е дека за новата градска администрација контејнерите повеќе загадуваат отколку индустријата и дека приоритетот е да се удри по џебот на граѓаните, наместо да се удри по мултимилионските титански загадувачи, реагираат од Зелен хуман град, на одлуката ѓубрето од домаќинствата да се фрла од 6 до 22 часот, што стапува на сила денеска.

Мерката ја воведе Град Скопје со цел да се воспостави ред во управувањето со сметот и да се спречат злоупотребите на контејнерите. Контролата ќе ја вршат комуналните инспектори и редари, кои од денеска ќе работат во три смени, односно 24 часа.

Градот располага со 20 комунални инспектори и 20 комунални редари, кои ќе бидат постојано на терен, а главната цел на акцијата, како што наведуваат надлежните, е да се утврди каде правните и угостителските субјекти го одложуваат отпадот.

Од Зелен хуман град прашаа дали контејнерите загадуваат повеќе од индустријата.

„60 инспектори и комунални редари ќе нè контролираат за тоа како ќе го фрламе ѓубрето, додека се отрувме од аерозагадување овие денови и ќе се труеме цела зима?!? ЗХГ со години бара од Град Скопје да се одвојат средства за инспектори за животна средина и да се воведе трета смена на дежурни инспектори. Што направи Град Скопје? Спротивното. Го зголеми буџетот за истражување на мерки за аерозагадувањето и покрај 50-те веќе поднесени про боно мерки од страна на ЗХГ, базирани на наука и потврдено дека функционираат и се веќе применети во загадени градови низ светот“, велат од таму.

Додаваат дека средства за мерни станици нема, дека нема ни средства за трета смена инспектори за животна средина, ама има средства за неколку десетици инспектори трета смена за контејнери.

„Ѓубрето нема да се намали ако се намали времето во кое смее да се фрла. Очигледно е дека за новата градска администрација контејнерите повеќе загадуваат отколку индустријата. Очигледно е дека приоритетот е да се удри по џебот на граѓаните, наместо да се удри по мултимилионските титански загадувачи. Очигледно е дека не е приоритет што имаме илјадници болни од рак, што секоја година ни умираат 6.000 луѓе и што ни умира секое 9-то бебе до 1 година од овие загадувачи“, велат од ЗХГ.

Сметаат дека на властите не им е приоритет нашето право на чист воздух загарантирано со Уставот, а „очигледно е дека приоритетот на ВМРО-ДПМНЕ е да продолжат да го вртат истото орце над 34 години. Очигледно е дека, кај и да е, ќе зафалат инспектори за контрола на контејнери и ќе треба нови вработувања на нивните партиски кадри, кои ќе го цицаат градскиот буџет и буџетот на граѓаните, работејќи на тотални небулози од кои ние граѓаните немаме ама баш апсолутно никаква полза“.

Казната за физички лица кои би фрлале отпад вон утврдената временска рамка, останува 50 евра, а за правните субјекти се движи од 1.300 до 1.800 евра.

Целта на мерката е угостителските објекти и фирмите да престанат да ги преполнуваат контејнерите наменети за домаќинствата и отпадот да се собира поефикасно и навремено.