Соединетите Американски Држави се најголемиот примател на активностите за кредитирање на Кина во светот, според ново истражување кое го следи меѓународното задолжување обезбедено од Пекинг. Тоа покажува дека Кина сè повеќе позајмува на побогатите земји, а не на земјите во развој.
Извештајот на истражувачкиот центар AidData од Американскиот државен универзитет Вилијам и Мери наведува дека од 2000 до 2023 година, Кина инвестирала вкупно 2.200 милијарди долари во 200 земји преку заеми и грантови, објавува Ројтерс.
Иако долго време е клучен кредитор на земјите во развој преку иницијативата „Еден појас, еден пат“, Кина сега сè повеќе го насочува финансирањето кон развиените економии, особено во стратешката инфраструктура и високотехнолошките синџири на снабдување, вклучувајќи полупроводници, вештачка интелигенција и чиста енергија.
AidData наведува дека кредитното портфолио на Кина е всушност два до четири пати поголемо од претходно проценетото и дека Кина останува најголемиот официјален кредитор во светот. Повеќе од три четвртини од позајмувањето на Кина сега оди во земји со горен среден и висок приход.
Според извештајот, Соединетите Американски Држави добиле најмногу официјални заеми од Кина, повеќе од 200 милијарди долари за речиси 2.500 проекти и активности. Кинеските државни компании се присутни „во секој дел и сектор на САД“, финансирајќи проекти за течен природен гас (LNG) во Тексас и Луизијана, центри за податоци во Северна Вирџинија, терминали на аеродромите …
Пекинг финансирал аквизиции на високотехнолошки фирми, додека државните заемодаватели на Кина обезбедиле кредитни линии за многу компании од листата Fortune 500.
Уделот на кредитите кон земјите со ниски и средни приходи се намали од 88 проценти во 2000 година на 12 проценти во 2023 година. Во исто време, уделот на кредитирањето кон земјите со средни и високи приходи се зголеми од 24 проценти во 2000 година на 76 проценти во 2023 година. На пример, Велика Британија доби 60 милијарди долари, а Европската Унија 161 милијарда долари, пренесува Бизнис.рс.