Пратеникот на СДСМ и ексминистер за земјоделство на денешната седница за пратенички прашања на опозицијата, меѓу другото кажа дека неговиот наследник на функцијата до неодамна не го знаел значењето на кратенката ИПАРД, но оти верува дека сега добро го научил затоа што, како што кажа, негови „блиски соработници се фатени со рачињата во европскиот мед, во парите коишто се контролирани строго“.

Апсењето на сега веќе поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев, и временото запирање на исплатата на средства од програмата ИПАРД-3, беа една, односно прва од темите на денешната собраниска седница, на која на дневен ред беа пратенички прашања од опозицијата до Владата.

Темата на седницата ја отвори пратеникот од редовите на СДСМ и поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. Сепак, тој немаше можност лично да побара оставка од неговиот наследник на функцијата, Цветан Трипуновски, кој денеска не беше присутен на седницата во пленарната сала.

„Втор пат во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ имаме суспендирана ИПАРД-програма, суспендирани неповратни средства, во време кога државата нагло се задолжува. Наместо голема одговорност кон овој случај, министерот првин го криеше, сè додека не откривме што е она што е донесено како одлука. А го нема ниту на дебата овие денови ниту на денешната седница на парламентот од кој е избран, на која треба задолжително да прусуствува. Оставката на министерот  е неминовно дека ќе се случи, а тоа го потврдува и ова бегање од одговорност“,

рече Николовски.

Тој постави три прашања. Две беа адресирани до Министерството за земјоделство, а третото директно до Трипуновски, а се однесуваше на тоа дали ќе поднесе лична и политичка одговорност за случувањата во Платежната агенција и суспендирањето на исплата на пари од ИПАРД-програмата.

„Причината за суспензијата е корупцијата и барањето мито во Платежната агенција. Уапсени се лица од Платежната агенција, но и лица блиски до министерот, со кои има илјадници фотографии на Фејсбук. Оставката е најмалку што можете да понудите и таа не е заради нас, не заради политички поени, таа е заради блокираните 130 милиони евра, заради 3 000 бизниси во руралните средини, заради 10 000 работни места чија цел е оваа програма на Европската Унија“,

рече Николовски.

Првото прашање на Николовски беше зошто јавниот повик за мерката три од ИПАРД-програмата, објавен пред 18 месеци и пет дена, сè уште не е затворен, додека второто се однесуваше на суспензијата на исплатата на средства поради скандалот. Конкретно, зошто нема одговор на барањето на СДСМ до Собранието да бидат доставени сите податоци за случајот со Платежната агенција за да може законодавниот дом да помогне во што побрзо решавање на ситуацијата со суспендираните пари, кои, како што кажа Николовски, ги очекуваат голем број луѓе што инвестирале во мали модерни земјоделски бизниси и сега не можат да ги добијат парите.

Неговите прашања ги слушна заменик-министерот за земјоделство, Албрим Хоџа кој од собраниската говорница рече дека ќе одговори писмено. Сепак, тој даде коментар на дел од наводите на Николовски.

Тие ги спротивставија тврдењата за тоа колку луѓе се загрозени со суспензијата на средствата. Додека Николовски тврдеше, повикувајќи се на информациите од Министерството за финансии, дека станува збор за 180 договори, заменик-министерот ги повтори тврдењата на министерот Трипуновски дека се работи за 50 договори од вкупно 453 потпишани.

„Да разјасниме во врска со последниот скандал во Агенцијата за поддршка во земјоделството и руралниот развој. Во однос на Министерството за земјоделство од 453 потпишани договори поврзани со програмата ИПАРД 2021 -2027 само за 50 има заостанување со цел да се провери дали се поврзани со некое кривично дело, како што се зборува во медиумите. Почитуван пратеник, вие бевте министер во една влада којашто беше позната по секојдневните скандали. Овојпат е добро што имаме реакција од институциите. Ние сме во редовен контакт со нашите партнери од Европската Унија во врска со овој случај и добро е што тие ја поздравуваат брзата реакција на институциите. Владата има назначено нов директор во Агенцијата, станува збор за професионалец што има добро познавање на Министерството, поранешен државен секретар, претседател на комитетот за следење на програмата ИПАРД 2021 – 2027. Вие знаете дека станува збор за независна агенција којашто одговара директно пред Владата. Нема да навлегувам во детали во однос на истрагите коишто се вршат, тоа ќе го оставиме на институциите. Што се однесува до вашите прашања, со задоволство ќе ви одговориме писмено по завршувањето на седницата“,

рече Хоџа.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа / Фото: Принтскрин

Враќајќи се на говорницата, пратеникот на СДСМ рече дека неговото прашање било конкретно и повторно изнесе обвинувања кон министерот, наведувајќи дека до неодамна не го знаел значењето на кратенката ИПАРД.

„Верувам дека добро го научил сега затоа што негови блиски соработници се фатени со рачињата во европскиот мед, во парите коишто се контролирани строго, па можеме само да замислиме што се случува со домашните средства и субвенции коишто не се исплаќаат“,

рече Николовски.