Биткоинот е на пат да го запише својот најлош месечен резултат откако низа корпоративни колапси го потресоа поширокиот криптосектор во 2022 година.

Вредноста на најголемата криптовалута утрово се лизна за дури 6,4 проценти, на 81.629 американски долари, пред малку да ги намали загубите, според податоците на „Блумберг“. На берзата во Лондон утрово во 7:42 часот токенот се тргуваше по цена од 84.166 долари. Етерот, пак, падна за дури 7,6 отсто, под 2.700 долари.

Биткоинот само во ноември изгуби околу 23 проценти од својата вредност, најмногу во еден месец по катастрофалниот јуни 2022 година, покажуваат податоците собрани од „Блумберг“. Имплозијата на проектот за стабилна валута „ТераУСД“ (TerraUSD) на До Квон во мај истата година предизвика низа корпоративни неуспеси што кулминираа со пропаѓањето на FTX берзата на Сем Бенкман-Фрид.

И покрај тоа што Белата куќа е прокрипто расположена под водство на американскиот претседател Доналд Трамп и зголеменото институционално усвојување, биткоинот падна за над 30 проценти од рекордното ниво што го постигна на почетокот на октомври.

Bloomberg Mercury
 

Падот следи по осакатувачкиот бран ликвидации на 10 октомври, кои избришаа 19 милијарди долари во облози со левериџирани токени, а со тоа избришаа околу 1,5 билиони долари од вкупната пазарна вредност на сите криптовалути.

Притисокот за продажба само се интензивираше во последните 24 часа со дополнителната ликвидација на две милијарди долари левериџирани позиции, според податоците од „Коинглас“ (CoinGlass).

Bloomberg Mercury
 

Институциите се чини дека не сакаат да го „купат падот“. Групата од 12 биткоин фондови кои котираат на американските берзи вчера забележаа нето одлив од 903 милиони долари, што е нивни втор најголем еднодневен откуп од дебито во јануари 2024 година. Отворениот интерес за перпетуални фјучерсни договори падна за 35 отсто од својот октомвриски врв од 94 милијарди долари.

Не помогна ниту пошироката пазарна позадина. Американските акции, кои закрепнаа поради обновениот ентузијазам за вештачката интелигенција по оптимистичките заработки што ги објави „Енвидија“ (Nvidia Corp.), изгубија од вредноста поради загриженоста за проценките и сомнежите за намалување на каматната стапка од страна на американските Федерални резерви во декември.

Bloomberg Mercury
 

„Расположението во сите области е неверојатно лошо. Се чини дека на пазарот постои принуден продавач и нејасно е колку длабоко ќе оди ова“, рече Пратик Кала, менаџер за портфолио во хеџ фондот „Аполо крипто“ (Apollo Crypto) со седиште во Австралија.

Тони Сикамор, аналитичар во „ИГ Австралија“ (IG Australia), во својата белешка рече дека пазарот „можеби се обидува да го тестира и прагот на болка на ‘Стратеџи’ (Strategy)“ – компанијата која собира биткоини под водство на Мајкл Сејлор. Тоа е значајно бидејќи понатамошен пад кон точката на рентабилност на компанијата би предизвикало повици за дополнување на нејзините левериџирани удели, додаде тој. „Стратеџи“ го затвори вчерашното тргување со пад од пет отсто.