Банките во Македонија за девет месеци од годинава заработиле чисти над 235 милиони евра – покажуваат податоците на Народната банка. Само за три месеци, од јуни, заклучно со септември ја зголемиле добивката за над 85 милиони евра. Тогаш профитот на домашните банки изнесуваше 150 милиони евра. За само девет месеци од годинава се приближиле кон добивката која ја прикажаа за цела мината година кога изнесуваше 283 милиони евра.
Податоците покажуваат дека профитабилноста на банкарскиот сектор се намалила за 7 милиони евра, но тоа не е поради помали приходи од камати, или од провизии. Тие се зголемиле .Туку поради растот на штедењето, односно повисокиот износ кој го платиле за камати. За девет месеци од годинава банките наплатиле од граѓаните и бизнисот 441,8 милиони евра за камати,а во истиот период лани, износот бил 428,5 милиони евра. Само од домаќинствата биле наплатени речиси 174 милиони евра од камати.

За надоместоци и разни банкарски провизии пак граѓаните и бизнисот оставиле 145,6 милиони евра во домашните банки. А, лани заклучно со септември изнесувале 141,7 милиони евра.

Математиката покажува дека само за камати и провизии граѓаните и компаниите за девете месеци од годинава оставиле во домашните банки вкупно 587,4 милиони евра.

Банкарските провизии беа првата работа за која се фати и Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Побара од банките да ги намалат, откако и централната банка ги намали надоместоците за нив. Последните информации беа дека банките ги намалиле цените за нивните услуги и до 50 проценти.