Само во октомври граѓаните депонирале 75,9 милиони евра!

Депозитите во домашните банки во октомври пораснаа за 0,4% и достигнаа 10,26 милијарди евра, со годишен раст од 11,8%. Кредитите се зголемија со уште побрзо темпо – месечно за 0,6%, а годишно за 12,1%, при вкупни пласирани 8,7 милијарди евра.

Растот на депозитите е целосно заслуга на граѓаните, кои само во октомври вложиле 75,9 милиони евра. Вкупно, населението држи 6,95 милијарди евра депозити. Истовремено, задолженоста на домаќинствата достигна 4,4 милијарди евра, со месечен раст од 0,8% и годишен од 10,6%.

Најбарани се потрошувачките и станбените кредити, кои продолжуваат да растат и месечно и годишно, додека автомобилските кредити и кредитите преку картички бележат пад.

Кај компаниите, депозитите се намалени за 1,1% месечно, но се 8,1% повисоки од лани. Корпоративните кредити изнесуваат 4,25 милијарди евра и растат со годишна стапка од 13,7%, пред сè заради повисокото кредитирање во денари.